Македокс: Дебарца во полн сјај ги открива својата убавина и гостопримство

 

Вистински општонароден собир се случуваше на последните станици на шестото Патувачко кино на „МакеДокс“. Мештаните во Велмеј организирано со ручек ја пречекаа екипата на Патувачкото кино, додека претходната вечер (21 август) во селото Лешани и покрај лошите временски услови, беше организирана проекцијата, соопштија од Македокс.

Лешани е старо село во Дебарца. Се наоѓа некаде на средина на патот меѓу Злести и Велмеј. Селото е речиси испразнето. Во него живеат стотина постојани жители, додека голем дел од лешанци се отселени во Охрид и доаѓаат само за викенд. Во училиштето има само 4-5 дечиња. Мештаните се занимаваат со производство на компир, пченка и грав, бидејќи имаат чиста планинска вода, објасни Кире Попоски. Според преданијата, името го добило од Лешок, еден од тројцата браќа кои на различни страни си ја побарале среќата, а Лешок се населил тука. Пред проекцијата на кратките документарци „Охридско езеро“ и „Ритам и звук“ и долгометражниот „Dangerous acts“, во Лешани врнеше дожд.

„Почекавме половина час да се подобрат временските услови бидејќи не сакавме да ја разочараме трпеливата и бројна публика, а единствената можност да имаат кино во своето село да биде спречена од дожд“, велат од Македокс.

Велмешки грав приготвен на два начина придружен со салата, ѓомлезе и специјално направен селски леб ги пречекаа гостите од Патувачкото кино во Велмеј. На големата софра се придружија и жителите на селото. Велмеј е најголемото село во Дебарца. Сместено на падините на Илинска Бигла, селото е опкружено со неколку археолошки локалитети. Велат, името на селото доаѓа од велможа, великодостојник, великан, велмеј. Во денешни услови во селото живеат околу 240 жители и горди се на својот велмешки грав. Во селото има воденица, неколку извори со вода и чешми со 12 и со 18 дуљци.

На проекцијата на документарците „Ликвидатор“, „Голгота“ и „Бабички на Револуцијата“, која поради студеното време беше во просториите на некогашниот Задружен дом, дојдоа речиси сите мештани, и млади и стари, како чин на взаемна почит и почеток на нови пријателства меѓу Патувачкото кино и велмејци.

Со поддршка на Агенцијата за филм на РМ и во соработка со Кинотеката на Македонија, Патувачкото кино со многу ентузијазам, волја и сопствено вложување од 10 до 22 август направи десет проекции на документарни филмови во областа Дебарца (Дебрца) и тоа во селата Волино , Белчишта, Издеглавје,  Мешеишта, Слатино, Ботун, Злести, Оровник, Лешани и селото Велмеј.

Целта на Патувачкото кино е непосредно да влијае во процесот на децентрализација на културата во државата и да овозможи кинопроекции во мали и рурални места, кадешто жителите немале можност за синеастичко доживување повеќе од 40 години.

Фестивалот на креативен документарен филм и Здружението за промоција на документаристиката „МакеДокс“ ќе продолжат со својата мисија на презентација на креативната документаристика, на едукација на млади филмофили, на ширење на етичките идеи и на одржување и развој на човековите права.