„МакеДокс“ – четврта фестивалска вечер пред бројна публика

Додека течеше проекцијата на документарниот филм „Станувајќи Златан“ амбиентот во Куршумли-ан синоќа на моменти личеше на фудбалска арена. Просторот беше исполнет до последното место, а гостинот од Шведска, сценаристот и режисер, Магнус Гертен речиси половина час одговараше на прашањата од публиката по проекцијата на филмот.

„Кога почнавме да го снимаме филмот не сакавме да правиме филм за фудбалска ѕвезда, туку едноставно бевме првите што направиле интервју со Златан Ибрахимовиќ во соблекувалната на неговиот тогашен матичен клуб Малме, кога Златан имаше само 17 години. Тоа што нас нѐ привлече беше неговата силна личност, пргав карактер, индивидуализмот и потребата за слобода уште во неговите млади години“, објасни Гертен пред публиката во Куршумли-ан.

Магнус Гертен заедно со неговиот брат Фредрик Гертен се режисери на филмот, додека сценариото го прават заедно со Џеспер Осмунд. Филмот ги следи почетоците на фудбалската кариера на Ибрахимовиќ во фудбалските клубови Малме, Ајакс и Јувентус, настапите за шведската репрезентација, згодите и незгодите со играчите, публиката, тренерите.

Голем интерес во Куршумли-ан предизвика и проекцијата на филмот „Ѕидот на смртта и сето тоа“ на авторот Младен Ковачевиќ, кој на Македокс-публиката ѝ е познат и со филмот „Анплагд“ од пред две години. Неговата нова документарна приказна ја следи животната сторија на Бранкица, која заедно со нејзините браќа е позната по возењето мотор на „ѕидот на смртта“. Филмот ги прикажува нејзините меланхолични сеќавања на времето кога тие биле акробатски легенди не само во некогашна Југославија, туку и низ цела Европа.

„Бранкица е една тивка, повлечена и интровертна личност и токму затоа мојот предизвик како автор беше да ја претставам клаустрофобичната ситуација во која го живее животот по авантуристичкиот период, кога енергично возела мотор во внатрешноста на клаустрофобичното шестметарско буре, на таканаречениот ’ѕид на смртта‘. Притоа, не сакавме да направиме филм со класична нарација, туку подлабоко да навлеземе во психологијата на нејзината личност и да ја прикажеме егзистенцијалната драма на главната протагонистка“, објасни Ковачевиќ пред публиката во Куршумли-ан.

Од програмата што следува денеска на „МакеДокс .7“ се издвојува филмот „Совршениот круг“ на италијанската авторка Клаудија Тоси. Проекцијата на „Совршениот круг“ е на 25 август на полноќ во Куршумли-ан. Велерва ќе се одржи и премиерата на два македонски документарни филма „Армандо Дијаз“, субјективен портрет на Армандо Дијаз, чие име го носи улицата на која се наоѓа училиштето на авторката Сандра Јовановска, и „Злобната камера“ на Ана Алексовска, филм за искривените прозорци и дебелите огради кои се наметнуваат како главни ликови во приказната.

Во завршна фаза се трите работилници на „МакеДокс“. Финалната изложба на делата создадени во рамките на „Сторивуд“ ќе биде поставена на последниот ден на седмото издание на фестивалот. Синоќа заврши „Работилница за уметноста на раскажувањето“, која од 21 до 24 август се одржа во Музејот на современата уметност, и во чии рамки диџеј Димитри од Чаир, познат и како Пикисипи, заедно со своите пријатели, како Гоце САФ, диџеј Страјк, диџеј Ву Ди од Словенија, на повеќе млади им ги пренесоа своите лични искуства во рапувањето, скречувањето и продукцијата во областа на хип-хоп музиката.

Жиријата работат со полна пареа, а наградите ќе бидат доделени на последната вечер на седмото издание на „МакеДокс“, на 26 август, во Куршумли-ан. Истата вечер ќе се одржи проекцијата на филмот „Пожар на море“ на Џанфранко Роси, добитник на Златна мечка за најдобар филм на Берлинскиот филмски фестивал за 2016 година, додека вечерта ќе ја заокружи концертот на „Черкези оркестар“ и настапот на диџеј Тајгер.

Седмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија, Медиа програмата на Креативна Европа, Националната фондација за демократија и Град Скопје.