„МакеДокс“ 2020 од 19 до 26 август како хибридно издание

Единаесеттото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ ќе се одржи од 19 до 26 август годинава, а мотото е „Слеј се со тишината“. Проекции годинава ќе има само во Кинотека и во Младинскиот културен центар (МКЦ), а официјалното отворање на фестивалот е најавено во Куршумли-ан, но без филмска проекција. Годинава земја во фокус е Холандија, а поради пандемијата Ковид-19 ова ќе биде хибридно издание, па освен фестивалот во живо, се најавува и онлајн пренос на Македокс.

Онлајн ќе се пренесуваат проекциите, дискусиите „Под смоква“, мастер-класовите и работилниците. По проекциите на филмовите, ќе има вклучување во живо со авторите, а публиката ќе може да постави прашања.

 

Во рамки на Главната програма и програмата на нови автори се најавуваат одлични филмови и се враќаат автори кои досега веќе имале свој филм на „Македокс“. Во Главната програма се најавени филмовите „Епицентар“, „Испеј ми песна“, „Кога прашината ќе слегне“, „Колектив“, „Нашата временска машина“, „Само ѓаволот живее без надеж“, „Светиот татко“, „Спиењето на Макс Рихтер“, „Среќен Божиќ, Јиву“ и „Фатени во мрежа“.  Во Програмата за нови автори, ќе има премиера на филмот „Професорот“ од македонскиот автор Јордан Дуков, а публиката ќе ги види и филмовите „Еуфоријата на постоењето“, „Вселенски кучиња“, „Зборувај за да те видам“, „Земјата е сина како портокал“, „Ме викаат Бабу“, „Мое тело“, „Нашиот дом“, „Ништо без семејството“ и „Тунел“.

Како што информираа организаторите, и покрај пандемијата успеале да ја реализираат замислената програма на ова издание на Македокс. Тука спаѓаат кратката програма или кратките документарци, каде се најавени и две македонски премиери – „Нејзиното семејство 2010-2019“ на Елизабета Конеска и „Сите ќе умреме“ на Сашко Потер Мицевски.

Во студентската програма или студентски документарци има селектирано 14 студентски кратки филмови, а во Детската програма која ќе оди онлајн, се најавени повеќе кратки документарни филмови и кратки анимирани филмови за деца и за млади, но и долгометражни филмови за младите над 14 години.

Публиката ќе може да погледне шест квалитетни филмови од холандски режисери, со оглед на тоа што Холандија е земјава во фокус , а најавена е проекција на последниот филм на Џон Апл „Кога прашината ќе слегне“, кој онлајн ќе одржи омастер клас.

Македокс годинава ја организра работилницата за звук со Владимир Ракиќ од Србија, која е во тек, а најавува и две дебати за сексуално образование и за тоа како се прави детска програма.

Единаесеттиот Фестивал на креативен документарен филм „Македокс“ е коорганизиран во соработка со Кинотека и со МКЦ, а поддржан е од програмата МЕДИА на Креативна Европа, Кралството Холандија, Чешка амбасада, Чешкиот културен ценатар од Софија и Град Скопје.