Мајкрософт ја стопираше последната надградба на Windows 10 по пријави за масовно бришење податоци

Мајкрософт привремено ја запре октомвриската надградба на Windows 10 со верзијата 1809, објаснувајќи дека ќе ги „истражат пријавите на корисниците дека по инсталирањето на новата надградба им исчезнале дел од податоците“.

Надградбата, која носи големи новости за корисниците на овој оперативен систем, според поплаките на дел од корисниците резултирала со масовно бришење на податоци, како и помалку сериозни проблеми како погрешни информации за користењето на процесорот, или грешки во аудио драјверите, пренесува Гизмодо. Еден корисник на форумот за корисничка поддршка на Мајкрософт се пожалил дека изгубил 220 гигабајти податоци. Дел од корисниците посочиле дека не успеале да ги вратат изгубените податоци ниту со посебен софтвер за таа намена.

Мајкрософт го истражува проблемот, додавајќи дека засега со него се опфатени само напредните корисници кои ја инсталирале надградбата пред оперативниот систем автоматски да ги извести корисниците за надградување на својот Windows 10.

Засега не е пронајдена причината за губењето на податоци. Во меѓувреме оние кои ја презеле новата надградба не би требало да се префрлат на новата верзија на Windows 10 додека Мајкрософт не објави корекции на проблемот. Оние корисници кои вообичаено чекаат автоматска надградба, не би требало да прават ништо, освен да се осигураат дека нивните компјутери досега не ја презеле проблематичната верзија на надградбата, или пак, во секој случај да направат бекап на своите податоци за да избегнат евентуално губење на податоците.