Мајкрософт повеќе нема да ги слуша разговорите меѓу гејмерите на Xbox

Мајкрософт соопшти дека ќе престане да ги слуша корисниците на Xbox, велејќи дека тоа „повеќе не е потребно“, јавуваат светските медиуми.

Ваквата изјава доаѓа откако Вајс објави дека компанијата ги снимала и ги слушала приватните разговори на гејмерите – од кои многу биле деца – уште во 2014 година. Мајкрософт соопшти дека ова го правеле поради подобрување на функциите за говорна команда на конзолата.

Тврдењата доаѓаат во време кога се открива дека и други технолошки фирми, како Фејсбук, исто така, слушале разговори.

„Ние престанавме да разгледуваме каква било говорна содржина земена преку Xbox со цел за подобрување на производот пред неколку месеци, бидејќи веќе не чувствувавме дека е неопходно и немаме планови повторно да ги разгледуваме (разговорите) “, рече портпаролот на „Мајкрософт“ и додаде:

„Повремено, прегледуваме мал обем на говорни записи испратени од еден корисник на Xbox на друг, кога има извештаи дека снимањето ги крши нашите услови за користење и треба да ги испитаме. Ова е направено за да се зачува Xbox заедницата безбедна,  и е јасно наведено во нашите услови за користење на Xbox. ”

Во април, Блумберг откри дека Амазон, Гугл и Епл, сите имаат вработени кои слушаат звучни снимки на клиентите од нивните паметни звучници и апликациите за говорен асистент.

Многу клиенти не беа свесни за оваа пракса. Претходно беше објавено дека вработени во Мајкрософт слушале и некои повици на Скајп, како и аудио снимени од Кортана, неговиот виртуелен асистент.