Мајкрософт го купува ТикТок

Од Мајкрософт и официјално потврдија дека се во преговори со кинеската компанија „ByteDance“ за купување на социјалната апликација ТикТок. Од Мајкрософт соопштија дека по разговор со американскиот претседател, Доналд Трамп, имаат намера забрзано да го склучат договорот, најдоцна до 15-ти септември.

ТикТок се најде во центарот на вниманието откако претседателот Трамп најави дека ќе го забрани во Соединетите Американски Држави поради сомневање во приватноста на податоците на корисниците на оваа апликација. Во разговорите со Мајкрософт, технолошката компанија уверувала дека сите приватни податоци на американските корисници на апликацијата ќе бидат префрлени и ќе останат во САД.

Засега преговорите се водат за купување на ТикТок сервисите во САД, Канада, Австралија и Нов Зеланд, што би значело дека Мајкрософт ќе биде сопственик и ќе управува со апликацијата во овие држави.

„Оваа нова структура ќе продолжи да се развива на корисничкото искуство кое корисниците на ТикТок го сакаат во моментот, додека истовремено ќе се додаде највисоко ниво на безбедност, приватност и дигитална заштита. Моделот на управување со услугата ќе биде направен така што ќе овозможува транспарентност за корисниците, како и соодветен безбедносен надзор од страна на владите на овие држави.

Во неделата, американскиот државен секретар, Мајк Помпео, за Фокс Њуз изјави дека претседателот Трамп најверојатно ќе донесе некоја одлува во врска со ограничување на работата на ТикТок во САД во следните денови. Според него софтверските компании од Кина податоците на корисниците ги давале директно во Комунистичката партија на Кина.

„Тоа може да бидат информации за препознавање на ликот, може да бидат податоци за местото каде што живеат, телефонските броеви, нивните пријатели, со кого се поврзани. Ова се проблемите за кои претседателот Трамп веќе јасно кажа дека мора да се преземе нешто“, рекол Помпео.

ТикТок претставува социјална мрежа на која се споделуваат кратки видео содржини, која има преку 800 милиони активни корисници. Од појавувањето апликацијата е преземена преку 1,5 милијарди пати што е седми најдобар резултат во споредба со сите апликации во 2010-тите години. Се проценува дека повеќе од половина од корисниците на апликацијата се од Кина.