„Мајка Медеја“ – изложба на белгиската уметница Северин Бургерс во Галерија КО-РА

Во рамките на Фестивалот за современа музика Модоарс 2019 и во организација на Домот на културата „Кочо Рацин“ Скопје, на 6-ти април 2019 година во 20 часот, во галеријата КО-РА ќе се отвори изложбата „Мајката Медеја“ на Северин Бургерс од Белгија.

Концептот за нејзините уметнички дела е создаден врз драмата „Медеја“ од грчкиот трагичар Еврипид и ужасниот и шокантен чин на мајката Медеја која ги убива своите деца за да му се одмазди на својот сопруг. Внатрешната борба на мајката Медеја помеѓу тоа да се биде жена, грижлива мајка, сакана сопруга или почитувана и авторитетна волшебничка е инспирацијата за овие уметнички дела насловени „Мајката Медеја“. Изложбата поставува прашања пред денешната жена во модерното општеството каде таа секојдневно превзема и исполнува различни задачи и улоги.

Да се биде мајка е скапоцено, но тоа не е се’ што жената претендира да биде. . Целиот уметнички концепт на „Мајката Медеја“ кулминира во идејата за  доведување на свесност во нашиот ум и во нашето делување.

За нејзините слики и скулптури од оваа изложба на Северин Бургерс, во дел од рецензијата на кураторот Виолета Калиќ, се зборува:

„Дел од творештвото на Северине Бургерс е настанато како последователен чин на еден сложен процес  на разнородна  интерпретација и перцепција на темата „Медеја“ која датира длабоко низ историјата. Со изборот на темата Северине Бургерс  иницира сложена перцепција и интерпретација  на една провокативна проблематика која обединува  сложен интердисциплинарен приод од аспект на етиката, психологијата, поетиката на трагедијата, философски, историски и бројни други дискурси“, вели Калиќ.

Северин Бургерс е родена во Брисел, а во моментот живее и работи во Скопје. Како сликар работи првенствено со масла, но во поново време се свртува и кон резба и керамички скулптури. За нејзините дела, таа употребува суптилна палета на бои и комбинира повеќе стилови – под влијание на реализмот и експресионизмот. Во 2009 година Бургерс го напушта Брисел и нејзината работа како архитект за животна средина, за да ја истражува својата пасија за сликање на далечните Соломонски острови. Поголемиот дел од нејзините уметнички дела се во приватни колекции во Бангладеш, Белгија, Германија, Холандија, Соломонските острови и во Велика Британија.

Изложбата ќе трае од 6-21 април, 2019 во галеријата КО-РА (Дом на градежници), а на отварањето ќе настапи пијанистката Ема Попивода.

Изложбата е поддржана од Галерија КО-РА, Министертсво за култура на, Град Скопје и Општина Центар.