МАИКА – бесплатен македонски АИ комуникациски асистент со глас на Лилјана Крстева

Изработена од компанијата „Emit Knowledge“, МАИКА е бесплатна алатка за конверзија на пишан текст на македонски јазик во говор.

Идеата за МАИКА никнала од потребата за креирање алатки кои ќе помогнат за збогатување на македонскиот јазик и револуционизирање на начинот на неговото користење.

Според Ивона Миланова, дел од тимот на „Emit Knowledge“, ваквата дигитализација е со цел да се остави наследство за следните генерации.

„Инспирација за креирање на ваква алатка ce и лицата со попреченост, поконкретно лицата со оштетен вид, кои моментално немаат алатка за претворање на текст во македонски јазик која е блиска на природниот говор. Недостатокот од ваква алатка им го отежнува нивното секојдневно функционирање во дигиталниот свет“, нагласува Миланова.

Таа истакнува дека системот на МАИКА е систем за претворање на текст во говор кој е базиран на длабоко учење.

„Алатката функционира со тоа што корисникот внесува текст кој минува низ низа на претпроцесирачки чекори, после кои текстот се претвора во говор кoj му се дава како повратен одговор на корисникот. Карактеристика на системот е тоа што самиот се учи на кој начин да ги изговара зборовите врз основа на веќе постоечко множество на податоци“, вели Миланова.

Гласот на МАИКА припаѓа на Лилјана Крстева, еден од препознатливите гласови на македонската телевизиска сцена, бидејќи нејзината прецизност при говорот овозможила моделот да постигне поголема точност.