[Магор] Три драми – Евалд Флисар

Evald_FlisarКнигата „Три драми“ во издание на издавачката куќа „Магор“ нуди антологиски избор од драмското творештво на Евалд Флисар, еден од најдобрите современи словенечки драматурзи.

„А Леонардо?“ е едно од најпреведуваните и најпоставувани драмски дела на Флисар. Дејството е сместено во психијатриска болница, а авторот ја истражува природата на идентитетот и можностите за слобода во општество целосно управувано од лакомоста, амбицијата и бесчувствителноста.

„Нора Нора“ е пиеса во која во огледална перспектива се согледуваат љубовните релации меѓу два современи пара. Напишан како коментар на славното дело на Хенрик Ибзен, текстот претставува свежо препрочитување на концепциите за родот, деструктивната борба меѓу половите и љубовниот пустош создаден поради немоќта за комуникација.

„Антигона сега“ е обид да се одговори на прашањето „дали трагедијата е сè уште можна во XXI век?“ Современата Антигона на Флисар се соочува со дилемата кој закон да го послуша, дали непишаниот закон на срцето или законот на општеството чија страст за материјалното се претвора во единствен мотив за дејствување. Текстот предложува нова верзија на класичниот мит, укажувајќи на цикличноста на одредени феномени од човековото искуство.