Магистерски студии за меѓународни односи и политички науки на француски јазик

Универзитетот во Шегед, Унгарија, во соработка со Институтот за политички студии во Лил, Франција, Универзитетот Сенгхор во Александрија, Египет и Католичкиот колеџ Лувен, Белгија, организираат магистерски студии за меѓународни односи и политички науки на француски јазик.

Магистерски студии за меѓународни односи и политички науки на француски јазик

Програмите се во времетраење од две години, почнувајќи од септември 2014 година, и нудат можности за мултидисциплинарна специјализација во областите на политичките науки, правото и јавната администрација, поврзани со меѓународните односи. Наставата ја реализираат француски професори и експерти од областа.

Право да се пријават, освен студентите од Унгарија, имаат и студенти од другите европски земји, под услов да имаат одлично познавање на францускиот јазик, како и диплома за завршени додипломски студии или еквивалентна програма (од 180 ЕКТС) по право, политички науки, економија или меѓународни/европски студии, а се признава и релевантно работно искуство.

За време на престојот во Унгарија, студентите од Централна и Источна Европа имаат право на грантови од Владата на Унгарија, а за семестарот на Програмата за Европски студии на Институтот за политички науки во Лил, француската Влада обезбедува поддршка за покривање на школарината, здравственото осигурување и сместувањето. За задолжителната практична работа, предвидена за втората година на студии, дополнителни грантови се обезбедени од други кооперативни партнери (BNP Paribas, Wallonie Bruxelles International).

Изборот на кандидатите го врши Комисија, формирана од страна на наведените универзитети, врз основа на поднесената електронска пријава. Пријавата, заедно со сите дополнителни информации може да се најде на интернет страните www.masteretudeeuropeene.eu и www.u-szeged.hu/irsi.

Крајниот рок за пријавување е 30 мај 2014 година.