Маџиров доби признание Европски поет за 2016 година, парите од наградата ќе ги донира за поплавите

На свеченост во Кингс колеџ во Кембриџ, Велика Британија, на поетот Никола Маџиров му беше доделено признанието Европски поет за 2016 година, за придонес во современата европска поезија.

Признанието, во вид на рачно изработена скулптура сребрен лист, му беше врачено на гала-вечера, во присуство на градоначалникот на Кембриџ, заменик-ректорот на Кингс колеџ, поети и уметници кои учествуваат на фестивалот „Шу Жимо поетри енд арт“ и други видни гости од универзитетскиот и книжевниот свет.

Маџиров пред присутните соопшти дека паричниот износ што му е доделен од фестивалот ќе го донира за справување со последиците во поплавените подрачја.

Пред присутните тој изјави: „Листот од врбите долж реката Кем е еден од симболите на Кембриџ. Листот е јазик на кревкоста, а кревкоста е единственото оружје на поетите. Оваа награда ја посветувам на загинатите во поплавата во Македонија. Велат водата има долго паметење, овој пат ние сме тие што треба да паметат. Суровоста на стварноста е во сознанието дека она што го имаме во најголемо количество во нашите дела – водата, може така лесно да нѐ убие”.

Наградата за животно дело и придонес во светската современа поезија му беше доделена на Беи Дао од Кина, неколкукратен кандидат за Нобелова награда за литература и венцоносец на Струшките вечери на поезијата.