Мадрид најавува нови правила за да го намали користењето автомобили

Мадрид најавува нови правила во сообраќајот со цел да демотивира користење на автомобили, а да мотивира пешачење, користење велосипед, тротинети, јавен превоз, како и да ја зголеми безбедноста во сообраќајот и да го намали метежот и загадувањето.

80% од улиците во целиот град, не само во центарот ќе имаат ограничување од 30 км/час (зони 30). Улиците кои немаат издигнат и слободен тротоар ќе имаат ограничување од 20 км/час. Пешаците во зони 30 ќе можат да преминат улица било каде, не само на пешачки премини. Мотоцикли не смеат да се паркираат на тротоари кои имаат широчина помала од 3 метри и на растојание помало од 5 метри од крстосница.

Велосипедисти можат да вртат десно на црвено светло, со внимавање, онаму каде е така означено. Велосипедисти можат да возат во спротивна насока при 20 км/час ограничување и имаат предност пред автомобилите при 30 км/час ограничување (зона 30) . Луѓето на тротинети можат да ги користат тротоарите со брзина прилагодена на пешаци (5 км/час ) и велосипедските патеки со брзина прилагодена на велосипедистите.

Има рестрикции за влегување со автомобил во центарот на градот. Резиденти можат да паркираат само во своето соседство, не на било која улица. Возила со категории B и C можат да паркираат само во своите парцели, не смеат на јавни паркинзи и на улица. Исклучоци постојат за лица со хендикеп, за амбулантни и други специјални возила. 

Низ центарот минуваат 60 автобуски, 8 железнички линии, а има и 57 станици за изнајмување велосипеди.

Иницијатата „НаТочак“ ваквите најави ги поздравува и констатира дека македонската метропола, нема абер од вакви реформи.

„Во Мадрид, град со 3 милиони жители, може да се зголемуваат можностите за пешачење и возење велосипед, а да се прават рестрикции за возила, а во Скопје колата е жителот со поголеми права од човекот, легално се паркираат возила на тротоари, се градат улици за големи брзини за возила и Градот уште си ги сонува автоцентричните соништа од 60-тите“, заклучуваат НаТочак.