Светските влади од 2 до 13 декември ќе се состанат да дискутираат и бараат итни решенија за климата на Глобалниот самит за климатски промени на Обединетите Нации (COP25), кој е одлучено да се одржува во Мадрид, откако Чиле се повлече да биде домаќин, објави Индепендент.
Конференцијата требаше да се случува во Сантијаго, но владата на претседателот Себастијан Пињера одлучи да ја откаже поради протестите во јужноамериканската земја. Во Чиле голем број луѓе се убиени и повредени во немирите поради економската нееднаквост и социјалните проблеми.
Пињера истакна дека Чиле се откажува од Климатскиот самит, но и Самитот на АПЕК, кој требаше да се одвива на 16 и 17 ноември.
Откако Чиле се повлече, се појави загриженост дека годишните климатски разговори можеби ќе треба да се одложат, или дури да се откажат.
Сепак, највисокиот претставник на ООН за климатските промени, Патриша Еспиноса, нагласи дека остануваат на првичните датуми, во период кога научните предупредувања стануваат се’ поинтензивни дека истекува времето за да се намалат емисиите на стакленични гасови и да се спречат штетите од глобалното затоплување.
Како што пишува Индепендент, меѓународните преговори под капата на ООН беа бавни поради немири и одлагања, откако САД се повлече од договорот од Париз, Бразил ги отфрли обврските од договорот, но и поради политичкиот популизам во другите региони.