Macedonia Youth to Business forum 2015 – вклучи се и дејствувај

Со фотографиите од студенти кои стоеја на автобуски станици со куфери во рака и натписот #OneWayTicket? беше означен почетокот на кампањата за годинешното издание на Macedonia Youth to Business forum.

Студентската организација АИЕСЕК и Економскиот факултет – Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) оваа година по трет пат, на 4 декември,  го организираат овој форум. Идејата зад иницијативата е да овозможи платформа за меѓусебна интеракција помеѓу студентите, факултетите и компаниите на теми за кои вообичаено немаат можност да разменат мислења и ставови.

Една од најважните теми на дискусија помеѓу овие страни е будење на свеста за одливот на млади и амбициозни луѓе надвор од границите на државата и причините за тоа ќе биде темата на првиот модул наречен „Феноменот brain drain – реалност на нашето секојдневие.”

„Досега студентите немале голема можност да го кажат своето мислење за тоа колку и на кој начин им е потребна инволвираноста и поддршката на компаниите и факултетите, а токму овој проект им ја дава таа прилика.

Дополнително е потребно младите да се поттикнат да размислуваат за решавање на проблемот бидејќи, за жал, огромен број од работоспособната маса меѓу кои и студентите решаваат да го избегнат наместо да се соочат со проблемот и ја напуштаат државата“, се вели во соопштението на АИЕСЕК.

Во вториот модул „Како и зошто компаниите, студентите и факултетите картата во еден правец ја претворaат во повратна“, пак ќе бидат споделени различни приказни и искуства со намера да се поттикне инспирација и желба за промена кај оние кои истата ја немаат.

Како што посочуваат до АИЕСЕК, целта на организацијата не е само да се разговараме за проблемите туку и да се преземеме нешто околу нив. Затоа форум ќе вклучи и серија работилници посветени на изнаоѓање заеднички предлози и решенија коишто ќе бидат имплементирани и искористени и по неговото завршување.

Котизацијата за учество на настанот е 250 денари, а треба да се аплицира на овој линк.