Луксембург бара ЕУ да ја избрка Унгарија поради непријателство кон бегалците

Министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн, вели дека Унгарија треба да биде избркана од Европската унија, бидејќи ги третира барателите на азил „полошоод диви животни“.

Во интервју за германскиот дневен весник Die Welt, Аселборн изјавил: „Било кој што, како и Унгарија, гради огради против бегалците од војната, или кој ги прекршува правата на слобода на печат и судска независност, треба да бидат исклучени од ЕУ, барем привремено, а доколку е потребно и засекогаш“.

Аселборн повикува законите на ЕУ да бидат променети, за да биде полесно да се избрка Унгарија, бидејќи ова е „единствен начин да се задржи кохезијата и вредностите на Европската унија“.

Истовремено, активистите за човекови права во Унгарија ја обвинуваат владата на Виктор Орбан дека намерно разгорува ксенофобија за да го блокира европскиот план за релокација на барателите на азил.

Human Rights Watch ја повика Европа да ги искористи своите „моќи за принуда“ против Будимпешта, откако беа документирани случаи на малтретирање на бегалци. Додаваат и дека тоа ги прекршува законските облигации на Унгарија под европското и меѓународното право.

На 2 октомври, Унгарија треба да одржи контроверзен референдум за планот за релокација, со кого 1294 бегалци би биле сместени во Унгарија. Владата на Орбан испрати памфлет од 18 страници на милиони унгарски домаќинства, кој ги повикува граѓаните да го одбијат планот бидејќи „присилното сместување на бегалците ќе ја загрози нивната култура и традиција“.

Лидија Гал, истражувач во Human Rights Watch во Унгарија, вели дека памфлетот е „владино финансирано ксенофобично пропагандно ѓубре“.

Таа ја обвинува Европската унија дека е „видливо тивка“ на таквата реторика, но и дека повикот на Аселборн да се избрка Унгарија од ЕУ ќе направи повеќе штета отколку добро.

„ЕУ има добри алатки за да се справи со проблемите со човековите права во земјите членки. Наместо тоа, фокусот треба да биде ставен на генерирање на политичка волја за да се искористат тие механизми за Унгарија да биде одговорна“, смета Гал.