Лука Павиќевиќ до Влада: Предлагаме нов модел за справување со врсничко насилство

„Не ми се доаѓа на училиште. Ме навредуваат, ме понижуваат. Се плашам да не ме нападнат. Не можам повеќе. Не ми се оди на училиште.”- вака Марко, средношколец, го опиша своето секојдневие. Марко е жртва на врсничко насилство.

Ние како општество имаме морална одговорност да се справиме со ваков сериозен проблем. Ние имаме морална одговорност да му помогнеме на Марко. Но, не само морално, нас, не обврзува членот 19 од Конвенцијата за правата на детето, односно секоја држава треба да ги преземе сите соодветни мерки за заштита на детето од сите форми на насилство.

За жал, ова значи дека за најефикасно да ги заштитиме децата,треба да бидеме заштитени едни од други. Студија на УНИЦЕФ покажа дека во училиштата има насилство и дека е главно врсничко. Фактот што во културата се прифаќа насилството како нормално, очигледно влијае на процената на застапеноста на насилството врз нас, децата. Станува збор за едно слепо прифаќање и афирмирање на одреден вид комуникација, пред се насилна и агресивна. Насилството се гледа како нешто нормално и конвенционално. Дури и некои од професорите во студијата на УНИЦЕФ, без проблем, кажале дека има вербално насилство кај децата, но, и дека истото не се должни да го пријавуваат.

Во училиштата постојат психолози на кои учениците можат да се обратат, истите или користат застарени методи или пак се затрупани во административни работи. Многупати тие се табуизирани односно на нив се гледа како на казна па затоа децата се уплашени да зборуваат за нивните проблеми. Покрај психолозите, важен фактор се професорите, односно нивната посветеност и способност да ги препознаат проблемите. Учениците не им веруваат на професорите. Потребно е да се изгради довербата, препознавањето на врсничко насилство и подобрување на комуникацијата. За да се постигне оваа реалност, потребно е да се едуцираат психолизите, професорите, но, најважно од се, децата, за да се научат како да препознаваат форми на насилство, но, и да се стекнат со знаење како да се справат со истото. Ова е особено значајно во онаа сфера која е надвор од ѕидовите на училиштето и домот. Потребно е да ни ги дадете алатките за сами да може да се справиме со проблемите кои настануваат во дигиталната сфера.

Сега во ова дигитално време, ние поминуваме повеќе од шест часа секој ден на интернет. Во време, кога секој може со два клика да креира лажен профил. Ова е одлично тло за развивање на онлајн насилството. Ние сметаме дека треба да бидеме едуцирани дека интернетот не служи за ширење омраза и навредување на други луѓе. Исто така, сакаме да знаеме како да се справиме со онлајн насилството.

Многу често, и ние децата не сме свесни дека сме жртви на насилство. Затоа, сметаме дека треба да се воведат соодветни програми како да го препознаеме насилството. Треба и психолозите и професорите да ни бидат сојузници во оваа борба, затоа и тие треба континуирано да бидат информирани за како да се справат со врсничкото насилство. За да можеме побрзо и поефективно да го решиме проблемот:

Го повикуваме Министерството за образование и наука да ги ослободи психолозите од сето административно бреме за да можат да се фокусираат на нивниот приоритет. Ние предлагаме нов модел кадешто психологот ќе организира интерактивни обуки за сите ученици, но, и многу поважно, нов модел кадешто секое дете ќе може да закаже анонимна и доверлива сесија со својот психолог.

Замислите што би се случило ако Марко би можел да разговара со својот психолог уште на почетокот. Замислите што би се случило ако секој од нас би можел да го направи тоа; ќе се спречи ова да прерасне во нешто што ќе остави трајни и неизбришливи последици.

Лука Павиќевиќ

*Говорот беше кажан на средбата „За децата, од децата“ на деца и млади со премиерот Зоран Заев, министри и членови од Владата по повод Светскиот ден на децата и 30 годишнината од усвојувањето на Конвенцијата за правата на децата на ОН