Луѓето кои се држат настрана од Facebook се посреќни, покажува нова студија

Според истражувачите, социјалните медиуми ја „изобличуваат нашата перцепција на реалноста“.

Доколку се држите настрана од Facebook, имате поголеми шанси да бидете среќни, покажува ново истражување спроведено од Институтот за истражувањето на среќата во Данска.

Данските истражувачи замолиле неколку луѓе да престанат да ги користат своите профили на социјалната мрежа една недела, да видат дали и како тоа ќе направи промена.

Според извештајот „Експериментот Facebook: Влијаат ли социјалните медиуми на квалитетот на нашите животи?“, од Институтот за истражување на среќата (Happiness Research Institute), навистина има разлика.

Истражувачите забележале дека 94 посто од учесниците го посетувале Facebook секојдневно, и ги поделиле 1095-те дански учесници на две групи.

Едната група продолжила да го користи својот профил како и вообичаено, а другите престанале со посетување на социјалната мрежа една недела.

Кога неделата поминала, учесниците биле замолени да извршат евалуација на нивната „животна сатисфакција“ на скала од 1 до 10. Резултатот бил спореден со оценката која ја дале пред да започне студијата.

Истражувачите дознале дека групата која продолжила да користи Facebook на почетокот имала оценка од 7,67. Наредната недела, оценката пораснала на 7,75.

Групата која престанала да ја користи веб страницата имала пораст во просечното ниво на среќа од 7,56 на 8,12.

Освен тоа, овие учесници исто така биле поодлучни и поентузијастични, како и помалку загрижени, осамени и под стрес, за разлика од оние кои останале на Facebook.

Meik Wiking, извршниот директор на Happiness Research Institute, смета дека резултатите се придонес за тенденциите на луѓето да се споредуваат себеси со други луѓе на социјалните медиуми.

„Facebook ја изобличува нашата перцепција на реалноста и тоа како навистина изгледаат животите на другите луѓе. Пресметуваме колку добро се снаоѓаме во животот преку споредба со сите други, и со оглед на тоа што повеќето луѓе на Facebook ги објавуваат само позитивните нешта, тоа ни дава многу пристрасна перцепција на реалноста“.

„Кога сме константно изложени на одлични вести, ризикуваме да го евалуираме нашиот сопствен живот како помалку добар“.

„Може да има и позитивни ефекти од Facebook и социјалните медиуми, но мислам дека вистинската работа за која треба секогаш да бидеме свесни е ефектот кој тие го имаат на нашата перцепција на реалноста. Овој константен тек на добри вести кој го гледаме на Facebook, застапува само 10 посто од нештата кои им се случуваат на другите луѓе. Не треба да се користи како позадина за евалуација на нашите сопствени животи“, вели тој.

Извор: Independent