Луѓето кои играат видеоигри имаат подобар успех во образованието, покажува истражување

Студентите кои играат онлајн игри имаат натпросечен успех pо математика, природни науки и литература. Сепак, не може да се утврди дека токму игрите се причина за тој успех.

Децата кои играат видеоигри најчесто имаат подобар успех во учењето, според анализа на податоци од повеќе од 12000 средношколци од Австралија.

Истражувањето открило дека учениците кои играат онлајн игри секој ден имаат 15 поени над просекот во математика и тестови за читање и дури 17 поени над просекот во природни науки. Сепак, методологијата на истражувањето не може да потврди дека играњето видеоигри е причината за напредокот.

Алберто Посо, од Кралскиот мелбурнски институт за технологија, ги анализирал податоците од средношколците низ Австралија, кои го полагале Пиза тестот (Program for International Student Assessment), спроведуван од ОБСЕ. Истражувањето ја разработува врската меѓу академскиот успех и личните интереси на учениците и активностите надвор од училишната програма, вклучително и користењето на интернет.

Посо, кој го објавил истражувањето во Интернационалниот весник за комуникација, вели: „Анализата покажува дека оние ученици кои играат онлајн видеоигри имаат повисок успех на Пиза тестот. Кога играат онлајн игри, тие решаваат загатки за да стигнат до наредното ниво, а тоа вклучува дел од генералното знаење и вештините по математика, читање и наука, кои ги научиле во текот на денот“.

Можно е дека децата кои се надарени за математика, наука и читање имаат поголем интерес во играње онлајн игри. Друга опција е дека поуспешните ученици работат поефикасно и поради тоа имаат повеќе слободно време, кое го користат на играње игри.

Посо ја истражувал и врската меѓу користењето на социјални медиуми и успехот на Пиза тестот. Заклучил дека корисниците на веб страниците како Фејсбук и Твитер најчесто имале четири посто полош просечен успех. Колку повеќе користат социјални медиуми, толку е поголема разликата. Дури 78 посто од тинејџерите изјавиле дека користат социјални медиуми секој ден.

Други, постари истражувања открија врска меѓу луѓето кои премногу користат социјални медиуми и краткото внимание и дефокусирање.