Луѓе како нас – ден посветен на планинското трчање

Планинскиот филмски фестивал Ехо, во соработка со здружението TREX и ПСД Макпетрол, утре (4 април) организира настан кој ќе биде целосно посветен на планинското трчање.

Преку кратки видеа, филм и гостин кој ќе биде изненадување, а под диригентската палка на Трајче Панковски присутните ќе имаат супер можност дружење со 4-часовна програма која ќе послужи за промоција и подобро претставување и запознавање со овој спорт.

Настанот ќе се одржи во киното Фросина во МКЦ од 18 до 22 часот, а влезот е бесплатен.

„Преку тие видеа од разни краишта на светот, ќе имаме супер можност да се запознаеме со луѓе како нас – кои организираат трки, се натпреваруваат или само уживаат во трчањето по планинските патеки, поминуваат долги растојанија по пустини, се подготвуваат во своите блиски локалитети и покрај разно-разните секојдневни обврски – го работат овој спорт со голема љубов и посветеност и тивко, но моќно инспирираат!“, стои во повикот за настанот.