Lowline – подземен парк во Њујорк кој ќе користи современа соларна технологија

The Lowline ќе биде првиот светски подземен парк, кој ќе обезбеди место за одмор и ќе претставува културна атракција во една од најгусто населените урбани средини во Њујорк, а ќе користи современа соларна технологија.

Предложената локација е поранешна станица на железницата која била отворена во 1908 година, но останала некористена од 1948 година, кога била затворена. И покрај запуштањето на просторот во шесте децении, местото задржало дел од своите посебни карактеристики, како остатоци од калдрма, железнички пруги и заоблени тавани. Исто така, тоа се наоѓа во непосредна близина на постоечката линија на метрото JMZ, така што велосипедистите и оние кои се возат со метрото ќе можат секојдневно да поминуваат покрај паркот.

Ова скриено историско место се наоѓа во една од најмалку зелените површини во Њујорк, претставувајќи единствена можност за враќање на неискористениот простор.

Поради ова, во Њујорк се одржува интерактивна изложба на рачно изработени 3Д-модели од 95 локални студенти, кои ги илустрираат нивните идеи за подземниот парк – од дрвја и езера, до фонтани и историски вагони.

Поголемиот дел од уметничките дела и есеите велат дека овој парк може да обезбеди чисто и безбедно место за одмор и игра на децата, а за тинејџерите би било место за дружење, докажувајќи дека подземниот парк не е важен само за животната средина, туку и за создавање на младинска заедница која ќе биде инспиративна, динамична и полна со живот.

Во програмата се вклучени студенти од неколку универзитети и таа има за цел да ги научи за урбанистички проекти, граѓански ангажман и трансформациската моќ на науката, технологијата, инженерството, уметноста и математиката. Исто така, оваа изложба треба да ја поттикне јавноста да придонесе со свои идеи.