„Love fest“ – светски ѕвезди и одличен фестивал во Врњачка Бања

[Интервју] Седмо издание на LOVE FEST- најголемиот младински фестивал во Србија

Love Fest за седум години се претвори од „обична журка на мостот на љубовта со три звучника и натпревар за најдобар бакнеж“ во тридневен фестивал со девет придружни зони и изведувачи од светски ранг. Најзаслужни за тоа се младите од Врњачка Бања кои секоја година се повеќе и повеќе се трудат околу фестивалот и повеќе од забележливо е дека им успева во тоа.

Одиме од почеток.

Тргнав накај Врњачка Бања не знаејќи што да очекувам и како ќе си поминам. Се што знаев е дека на распоред се врвни диџеи како Carl Craig i Kevin Saunderson и понови популарни имиња како Detroit Swindle, Darius Syrossian, Nice7 и Butch.  Знаев дека минатата година James Zabiela приредил вистинско шоу и тоа ми даваше една убава доза на сигурност за викендот што следува.

По четири часа возење, во утринските часови пристигнавме во Врњачка Бања. Монденско место кое веќе 100 години е дестинација за оние кои сакаат да ги искористат благодетите на лековитата минерална вода од неколкуте извори. Иако генералната идеја за Врњачка Бања е дека е дестинација за стари и болни лица, кога се прошетавме низ центарот видовме многу помлади луѓе.

Евтината карта за целиот фестивал од само 700 ден (1300 српски динари) не успеа да убеди повеќе македонски граѓани да го поминат Илинден во Србија, па затоа бевме само седум „претставници на македонската делегација“ од кои Виктор Апостолски беше директно вклучен во програмата како победник на диџеј-конкурсот „Млада надеж“.

Првиот ден од фестивалот го пропуштивме бидејќи бевме заинтересирани за електронскиот музички дел кој се случуваше на вториот и третиот. Според фотографиите од социјалните медиуми, Дубиоза Колектив буквално го „срушиле“ амфитеатарот со нивниот енегричен настап.

фото - Милан СерафимовВиктор Апостолски ја имаше честа да ја отвори Guarana Energy сцената во 21:00 вториот ден. Со побавни техно елементи и длабоки звуци ја загреваше атмосферата за следниот диџеј, вртејки некои од своите омилени плочи. Со само 20 години и неколку квалитетни настапи зад себе, му предвидувам одлична иднина, се додека не се ограничува во музичкиот стил. Во 22:30 се качивме неколку скалила погоре и пред нас се отвори масовниот антички амфитеатар кој е главната сцена на фестивалот. Акустично одличен, со камени скалила на кои можат да седат до 1500 а стојат и повеќе од 3000 луѓе, местото е сон за секој клабер. Посебно доколку сте го искусиле проклетството на прашината на денс-арената на EXIT, ова е рај за нозе, уши и нос. Стигнавме на време за сетот на Darius Syrossian, моментално најпопуларниот хаус диџеј во Британија. Немав слушнато ништо од него се до вечерта кога најпријатно не изненади со мешанина на хаус и дип хаус ритмови и мелодии. Менувајќи го ритамот од трака во трака полека но сигурно не загреа и подготви за настапот на Nice7.

Nicola Daniele и Cesare Marocco се најновиот производ од италијанската тек-хаус сцена. Победници на BEATPORT MUSIC AWARDS 2012 за најдобра тек-хаус трака, и моментално издаваат за Noir music. Мислам дека премногу очекував од нив, и сметав дека по сетот на Дариус би требало малку повеќе да се погрижат за публиката. Наместо тоа, добивавме одделна музичка вибрација од диџеј дуото, една трака одлична и потоа 2 до 3 неконцептуални и без никаква динамика. Ѕвездата на вечерта и главната причина заради која отидов на Love Fest, Carl Craig започна нешто после 2:00 часот.

Креативниот визионер на електронската музика не извозе „за сите пари“. Неговиот стил не се опишува, туку се доживува. Секој негов сет е различен од претходниот, исполнет со техно, хаус, семплови, мелодии комбинирани хируршки прецизно и создавајки уникатно музичко искуство. Дополнително на импресивниот звук, организаторите на фестивалот не штеделе на визуелен декор и настапот беше збогатен со спектакуларно ласерско шоу. Во 4:15 техничарите му сигнализираа дека е време да го заврши сетот иако според енергијата во музиката, изгледаше како да е подготвен да продолжи до изгрејсонце. Одејќи си кон местото каде сум сместен и мислејќи на тоа како си поминав, чувството беше одлично. Имав само две забелешки за целосната организација за првата вечер:

1. Цените на пијачките беа нешто повисоки, и беше поисплатливо на пиеш виски отколку пиво, што и не е така лошо.

2. За време на настапот на Carl Craig од некаде се вмеша звук од втор извор и тоа беше неподносливо за слушање и траеше некои 5 минути. Техниката за звук доби мал минус од мене таа вечер.

love

Втората вечер, уште на почетокот ни започна со проблем на влезот на фестивалот. Обезбедувањето не сакаше да не пушти да влеземе со нараквиците кои ни ги дадоа првата вечер и ни ги бараа картите кои ни ги поништија. Од искуството на други фестивали и навикнати дека влегуваме само со нараквица не ни очекувавме некаков проблем, посебно заради фактот што сите од Македонија имавме само тридневни карти и влеговме исклучиво на влезот кој беше обележан за тридневни влезници. Се надевам во иднина дека организаторите ќе имаат поефективен начин за решавање на проблемот со фалсификувани влезници.

По добивањето замена за влезница од организаторот, набрзина се искачивме кон амфитеатарот за да ги слушаме Detroit Swindle. Lars Dales и Maarten Smeets немаат никаква врска со Детроит бидејќи се родени и живеат во Амстердам. Но музиката која ја милуваат, продуцираат и пуштаат влече корени од американскиот веќе банкротиран град. Истата може да се опише како современа преработка на соул песни со џез примеси и хаус ритам. Доколку за сите изведувачи помеѓу нас беа поделени мислењата, за Detroit Swindle сите се согласивме дека е најдобриод сет кој го слушнавме на фестивалот.

По такво одлично загревање и веќе полн амфитеатар, на Butch не му преостана друга опција освен да „удри јако“ и да ги искористи сите алатки кои ги нуди денешната диџеј технологија за да го збогати сетот. На моменти претераното користење ефекти беше до степен да е веќе непријатно за слушање, но сепак останува факт дека Bülent Gürler заслужено е избран за продуцент на годината за 2010 и 2011 година од списанието Grooove и дека издавањето за три различни издавачки куќи во една година (Cocoon, Sei es Drum и Rekids) ја потврдува неговата разновидност како диџеј и продуцент што се почувствува во неговиот 120 минутен премин од тек-хаус до техно. Kevin Saunderson се појави на сцена, но уште на почетокот техниката повторно потфрли и имаше 2-3 минути прекин на музиката. Техника се ОК, звукот се слуша на двете страни од звучните столбови, и еден од основачите на техното, поточно детроитското техно не дозволи да поминат ниту 10 секунди интро пред да ни покаже што е навистина техно. Заборавете се што сте слушнале во поново време и се класифицира како техно. Тоа не ни може да се доближи до тоа што го слушнав горе на амфитеатарот од Кевин. Врвна техника на миксање, неприметливо преминување од една во друга трака, ритам во мелодија и обратно, 2 часа поминаа како 15 минути. Два пати враќање на бис, два пати семплување на легендарната Good Life и цела публика со рацете во вис и вриштејќи беше совршен крај на овогодинашното издание на LoveFest.

Секој фестивал не е совршен и нормално е да има недостатоци. Предноста на LoveFest е што беа многу малку, барем за мене. Се надевам дека наредната година ќе имаат уште подобар line-up и подобра огранизација.

Наслушнав некои гласини дека фестивалот е резултат на поврзаност на некој од организаторите со владејачката партија во Белград и од таму сите спонзори и средства за настанот. Се што можам да кажам за тоа е дека се надевам дека некој од нашата држава ќе потегне такви врски и да организира нешто волку големо во некој град од внатрешноста на Македонија со таква ефективност и толку големи имиња. Друго не ме интересира, секоја чест за организација.

Благодарност до Златана, Марко и нормално… екипата од Скопје.

Кристијан Ристески – Кинџо