Лондонското метро го менува поздравот „дами и господа“ поради родова неутралност

Лондонското метро соопшти дека го менува звучниот поздрав „дами и господа“ во „здраво на сите“ со цел да се запази родовата неутралност и сите патници да се чувствуваат добредојдени, пренесува ББЦ.

Променетата фраза ќе се користи во сите снимени звучни објави низ транспортната мрежа во англискиот главен град.

„Сакаме сите да се чувствуваат добредојдени во нашата транспортна мрежа. Го прегледавме јазикот кој го користевме во објавите и на други места и ќе обезбедиме тие да бидат целосно инклузивни, отсликувајќи ги сите различности на Лондон“, рекол Марк Еверс, директор на секторот за стратегија со корисници во „Транспорт за Лондон“, градскиот транспортен оператор.

ЛГБТ групата „Стоунвол“ ја поздравиле одлуката, која била поддржана од градоначалникот на Лондон, Садик Кан.

„Јазикот е многу важен за лезбијската, геј, би и транс заедницата и начинот на кој го употребуваме може да помогне во обезбедување сите луѓе да се чувствуваат вклучени“, велат од „Стоунвол“.