На 17-тото издание на Таксират пристигнува диџеј-составот на извонредната лондонска дабстеп група Modestep. Групата, која само со песните од својот прв албум оствари над 100 милиони прегледи на своите интернет-канали, по одредена пауза годинава повторно ја покори светската „бејс“ сцена со објавувањето на новиот албум „London road“ . Во рамки на турнејата за „London Road“, Modestep со свој диџеј сет ќе настапат за првпат и во Скопје, на 7 декември во „Метрополис“, за затворање на главната вечер на Таксират.
Modestep е една од најпрогресивните групи на „бејс“ сцената,а нивниот музички стил е уникатен, со нагласени прогресив електро и дабстеп влијанија, но и хардрок звук надополнет со вокалот на Josh Friend. Токму поради овој стил, критиката ги поставува рамо до рамо со бендови како Pendulum и The Prodigy, а истовремено и во листата со артисти како The Script , Skrillex, Ed Sheeran и Flux Pavilion.
Групата оформена во 2010 година започна да работи на својот деби-албум на почетокот на 2011 година, со објавувањето на деби синглот „Feel Good“ кој уште во периодот пред официјалното објавување најде свое место на официјалната плејлиста на британското BBC Radio (Би-би-си Радио). Истата година групата го објави видеоспотот за синглот „Sunlight“, кој за само четири дена надмина милион прегледи. Следната година, во 2012, со четвртиот сингл, Modestep официјално го најави објавувањето на првиот албум „Evolution Theory“ кој излезе во февруари 2013 година. Изминатото лето започна и официјалната промотивна турнеја за вториот албум „London Road“ која сѐ уште трае.
На Таксират на 7 декември, потврдени се и настапите на великаните на авангардата Laibach, La Pegatina, култниот хип хоп состав САФ и Тони Китановски Little Big Band.