Лондон за првпат е позагаден од Пекинг

Лондон го надмина Пекинг во однос на загадувањето. Главниот град на Кина важи за еден од најзагадените градови во светот, но оваа недела, Индексот на квалитетен воздух покажа дека загадувањето во Лондон е 197 микрограми на кубен метар од канцерогените честички ПМ10, додека во Пекинг изнесувало 190 микрограми на кубен метар.

Ова е првпат нивото на загадување во Лондон да биде повисоко од она на Пекинг. Најзагаден е центарот на Лондон, поточно во областите Вестминистер, Кенсингтон и Камден.

Во некои делови од градот беше прогласена вонредна состојба, бидејќи нивоата на ПМ2,5 и честичките со помала големина од нив, достигнале и до 108 микрограми на кубен метар.

Овие денови во Лондон нема ветер и е ладно, што значи дека штетните честички не можат да се разградат. Минатата недела, огромен токсичен облак пристигна од фабриките во Германија, кој во комбинација со загадувањето од возилата во Лондон предизвика исто така, високи концентрации на ПМ честичките.

Станиците за метро, автобуските станици и знаците покрај реката, ги предупредуваат возачите да ги изгасат своите мотори кога се заглавени во сообраќајот со цел да ги намалат емисиите.

Но, покрај Лондон, високо загадување е регистрирано и во Јужен Велс, како и низ другите предели на Велика Британија.