Лондон ќе отстрани две статуи на личности кои биле поврзани со трговијата со робови

Локалната власт која управува со историскиот финансиски округ на Лондон ќе отстрани статуи на двајца британски политичари од колонијалната ера, поради нивната поврзаност со трговијата со робови, јавува „Ал Џазира“. Лондонската градска корпорација во четвртокот изгласа да се отстранат статуите на фигурите од 17 и 18 век, бидејќи нивното богатство го стекнале преку трговијата со робови.

Се работи за статуите на Вилијам Бекфорд поранешен градоначалник на Лондон, кој го црпел своето богатство со искористување на трудот на робовите на плантажи во Јамајка и Џон Кас, член на парламентот и важна личност во Кралската африканска компанија која ја олеснуваше трансатлантската трговија со робови.

Корпорацијата започна јавна консултација за спомениците во септември, во пресрет на протестите од движењето „Црните животи се важни“ кои се одржуваа во Велика Британија и Европа, по убиството на Џорџ Флојд во САД, неколку месеци претходно.

Демонстрациите кои кулминираа со рушење на статуата на трговецот со робови во Бристол, Едвард Колстон за време на анти-расистичките протести, предизвикаа повици низ целата земја за отстранување на спомениците поврзани со британското колонијално минато.

Движењето исто така се соочи со жестока реакција, особено откако статуата на премиерот Винстон Черчил беше на мета на демонстрантите.