Лондон го доби првиот музеј на вагината

Овој викенд, во Лондон се отвори првиот музеј посветен на гинеколошката анатомија.

Проектот започнал во март 2017 година, откако режисерката Флоренс Шахтер открила дека постојат многу музеи на пенисот, како што е „Музејот на пенисот” во Исланд, но не и за вагината.

Иако постојат дигитални колекции, вклучувајќи го и виртуелниот проект за „Музеј на вагината” од австриската уметница Керстин Рајнар, ова е прв музеј кој има физички објект со простор за изложби.

„Музејот Вагина” е многу важен затоа што оваа област на телото е толку стигматизирана и ова има последици во реалниот свет, како луѓето кои се премногу засрамени да направат тест на грлото на матката”, вели Шахтер.

„Нашиот главен приоритет е да се бориме против табуто што ги опкружува нашите тела и да обезбедиме место каде можеме да имаме отворен и искрен разговор“.

Музејот постои благодарение на онлајн кампања во којшто повеќе од 1.000 луѓе донираа скоро 50 000 фунти.

Првата изложба се одржа викендов и се однесуваше на митовите за вагината и борбата против нив. Целта на изложбата е да ги истакне митовите што ја опкружуваат гинеколошката анатомија, вклучувајќи чистотата, изгледот, периодите, сексот и контрацепцијата.

Покрај изложбата – што е исто така достапна за прегледување на интернет, ќе се одржат настани и претстави во просториите, вклучувајќи театарски претстави, бинго, разговори и клуб на книги каде што ќе се дискутира феминистичката литература.

Ќе има и флаери и информации за здравјето на вагината, како и програма за пристап за поддршка на здрав секс и вклучување на медицински професионалци за да се обезбедат подобри услуги за заедниците на трансексуалците и интерсексуалците.

Музејот, исто така, има продавница во која може да се најде сè.

Влезот во музејот и изложбите се бесплатни, сепак билетите за настани и претстави се наплаќаат.