„Локомотива“: Две јавни сесии во склоп на школата „Курирање во контекст“

Здружението на граѓани Локомотива – Центар за нови инцијативи во уметноста и културата од Скопје, на 25 август ја започна првата Меѓународна летна школа „Курирање во контекст” која ќе трае до 15 септмеври 2020 година.

Школата има за цел критички да рефлектира на различните социо-политички и економски контексти, и да развива кураторски методи кои ќе ги преиспитаат практиките на современите (изведувачки) уметности во однос на активизмот, социјалните движења и самоорганизација.

Програмата на школата опфаќа семинари, предавања и презентации, работилници, дискусии, разговори со уметници и куратори, читачки групи и менторска робота, водени од признати професори, теоретичари, куратори, драматурзи, продуценти и уметници од  домашен и меѓународен контекст.

И покрај тоа што школата е од затворен карактер, за пријавените и селектирани учесници од домашен и меѓународен контекст, програмата опфаќа и две јавни сесииза останатите заинтересирани лица, од кои првото јавно предавање ќе се одржи на 4 септември во 13 часот. Предавањето на тема „Да се прифати или не квир: не-нормативен пристап кон курирање” ќе го води Горан Павлиќ (Хрватска).

Вторaта јавна дискусија на тема „Обична криза, системска криза и иднината на знаењето во контекст на КОВИД-19 пандемијата на и нејзините последици” ќе го водат Маријана Цветковиќ (Србија), Јасна Јасна Жмак (Хрватска), Рок Вевар (Словенија) и Јасмина Заложник (Словенија). Дискусијата ќе се одржи на на 7 септември, со почеток во 20 часот.

Јавните сесии ќе можат да се следат преку стриминг во живо на Фејсбук.

Меѓународната летна школа  е дел од истоимениот проект „Курирање во контекст”, кој се реализира во партнерство помеѓу Локомотива Скопје, Танцфабрик од Берлин, Универзитетот за уметности во Стокхолм и Универзитетот во Загреб (Факултетот за драмски уметности). Проектот е поддржан од „Еразмус +” програмата за образование, тренинг, млади и спорт на Европска Унија.

Активностите ќе бидат водени од признати професори, теоретичари, куратори, драматурзи, продуценти и уметници од домашената и меѓународната сцена во Хрватска, Германија, Грција, Србија, Словенија, САД, Шведска и Русија.

Селектирани се вкупно 15 учесници односно, студенти, магистранти, куратори, истражувачи, теоретичари и уметници од С. Македонија, Грција, Хрватска, Германија и Шведска.

Од локалната сцена учество ќе земат Ивана Мирчевска, Кристина Тодороска Петреска и Јана Димитрова.