Локалното #FridaysForFuture: Без радикална, системска промена, нема да ги избегнеме ефектите на климатските промени

Локалниот огранок на глобалната иницијатива #FridaysForFuture побара од македонските институции итно да прогласат климатска вонредна состојба, по примерот на повеќе градови и држави во Европа и светот.

Потсетија на последниот извештај на Меѓународниот панел за климатски промени од октомври 2018-та, која укажа дека без задржување на глобалното затоплување под границата од 1.5 степени целзиусови, ќе започне неповратлив процес на еколошки колапс, кој ќе има несогледливи последици за целата планета, па и за Македонија.

Во 2015-та година, земјите од светот, меѓу кои и Македонија, го потпишаа Парискиот договор, обврзувајќи се да преземат решителни чекори за спречување на ефектите од климатските промени.

„Денес знаеме дека ниту ќе станеме дел од ЕУ за една година, ниту ќе ги следиме ЕУ политиките за намалување на емисиите за 20 проценти. Знаеме дека без радикална, системска промена, немаме никакви шанси да ги избегнеме ефектите на климатските промени, кои на нашето поднебје ќе значат суши, пожари и опустошено земјоделство како основен извор на храна и приходи (трет најголем дел од бруто домашниот производ)“, велат од локалното #FridaysForFuture.

Во продолжение, нивните барања кои ги упатија до домашните институции:

• итно прогласување на климатска вонредна состојба, по примерот на повеќе градови и држави во Европа и светот. Ваков чекор е неопходен за создавање услови за институционална приоритизација на ова прашање и сензибилизација на општествените актери за неговата важност.

• формирање на специјално национално тело – комисија за борба против климатските промени. Оваа комисија би била составена од експерти од областа на одржливост и животна средина, кои истовремено би фигурирале на клучни позиции во министерствата за животна средина и земјоделие, како и сектор за енергетика и земјоделие, со цел координација на политиките за спречување на ефектите од климатските промени, која би подразбирала и обезбедување на целосна транспарентност во работата (буџет, акциони планови, годишни индикатори и што од тие индикатори е исполнето).

• во рамките на енергетската политика, отворање на јавна дебата околу проекциите за затворање на постоечките електрани на јаглен, и создавање на нацрт план за транзиција од електраните на јаглен кон извори на обновлива енергија. Ова подразбира крај на долгорочната стратегија за гасификација и ставање фокус исклучиво на обновливите извори на енергија, со најголем акцент на соларната енергија. Во оваа насока, неопходна е итна адаптација на актуелниот Закон за енергетика, кој начелно овозможува учество на домаќинствата во производството на струја од сонце, но во сегашната форма не ја олеснува оваа практика и де факто ја ограничува универзалната употреба на соларните панели. Ваквиот закон мора да ги предвиди начините за најбрзо и најмасовно напуштање на енергијата произведена од фосилни горива, и да почне да ги имплементира веднаш.

• изработка на план за намалување на користењето автомобили во транспортот, во кој акцентот ќе биде ставен на комплетна обнова и повеќекратно проширување на капацитетите на јавниот транспорт. Ова значи не само сериозно подобрување на квантитетот и квалитетот на градските и меѓуградски автобуси како најкористени јавни превозни средства, туку и капитални инвестиции во железничката мрежа во целата земја, воведување на трамвај во Скопје, и покривање на целата територија на државата со велосипедска инфраструктура. Единствено пристап кој ќе го стави еколошкиот пред економскиот фактор може да го сопре подемот на автомобилската индустрија и самоуништувачката сообраќајна култура во земјава, нешто што нема да се случи со слевањето на буџетските средства во програми за промоција на биогорива и компресиран гас за ограничен број возила.

• воведување на климатската проблематика во школскиот курикулум во основното и средното образование. Задолжителната настава за сите причинско-последични аспекти на климатските промени, според најсовремена методологија, е во функција на промена на начинот на живот кај младите, како подготовка за периодот во кој ќе се соочат со ефектите на климатскиот колапс. Имплементацијата на оваа тема во образовниот систем мора да го има во предвид интердисциплинарниот карактер на проблемот, со цел длабоко развивање на климатската свест кај новите генерации.

Од локалното #FridaysForFuture се разочарани од ветувањата на властите дека државата ќе биде климатски шампион.

„Речиси две години потоа, ваквиот исказ делува трагикомично. Не само што не сме „климатски шампион”, туку и состојбата со животната средина во земјава никогаш не била полоша. Поврзувањето на барањата на Fridays For Future во нацртстратегија за борба со климатските промени, чија конечна цел е нула емисија на стакленички гасови, е последната шанса не да се биде климатски шампион, туку едноставно да се запре претстојната пропаст, заедно со сите останати земји во регионот и пошироко“, се вели во соопштението.