Локалитетот Длабока Река ќе биде номиниран за прелиминарната листа на УНЕСКО

Владата вчера ја разгледа и усвои Информацијата да го номинира локалитетот Длабока Река во Националниот парк Маврово на Прелиминарната листа на УНЕСКО.

Локалитетот Длабока Река како дел од Националниот парк Маврово, поседува исклучителни природни вредности преставени преку голема биолошка и пределска разновидност. Една од основните карактеристики на овој локалитет е старата (девствена) букова шума (Fagus sylvatica) која се развива во долината на Длабока Река на планинскиот масив Кораб, со скоро никаква интервенција на човекот во последните 100 години.

Локалитетот Длабока Река се одликува со голема биолошка разновидност со присуство на бројни ендемични растителни и животински видови, кој се наоѓа во зоната за строга заштита на Националниот парк Маврово и во неа се дозволени само научно-истражувачки активности.