Љутфиу: Учениците да се подготват, екстерно тестирање ќе има

Министерот за образование и наука во заминување Пиштар Љутфиу изјави дека на крајот на оваа учебна година ќе има екстерното тестирање, иако мандатарот за состав на новата влада, Зоран Заев, најави дека ќе го укине веднаш штом Собранието почне да работи, објави Алсат-М.

„Силно верувам дека новата влада нема да донесе закон против граѓаните и учениците во Македонија, затоа би апелирал учениците да се подготват за екстерно тестирање бидејќи донесувањето на законите не се случува преку ноќ, туку треба да биде во консултација и со правниот сектор со правните експерти за да донесе добар закон. Потоа законот ќе мора да помине на комисии, ќе треба во Парламент, па верувам дека ќе треба да помине извесно време по доаѓањето на новата влада. Затоа, повторно апелирам дека и покрај желбите на СДСМ да се донесе законот за укинување на екстерното тестирање, потребно е време“, изјави Љутфиу.

Основните и средните училишта во земјава ги прават последните подготовки за спроведување на екстерното тестирање. Државниот испитен центар, пак, ги објави датумите на кои ќе се полага, а тоа се 5, 6, 8 и 9 јуни. Подготвени се 450 илјади прашања за сите предмети кои до 15 мај беа јавно прикажани.