Љубовната опера „Дидо и Енеј“ на Хенри Персл за првпат во Македонија

За првпат во Македонија, на 20 септември (петок) во Камерната сала на Филхармонија, ќе биде изведена најпознатата опера од Хенри Персл – „Дидо и Енеј“.

Станува збор за автентична, концертна изведба на љубовната приказна преточена во опера на најголемиот британски барокен композитор, е во организација на Уметничкиот центар „ПОЛИФОНИЈА“.

Во премиерната изведба учествуваат оперските ѕвезди: македонскиот баритон Васил Гарванлиев како Енеј, кој кариерата успешно ја гради на меѓународните сцени, канадската оперска дива, сопранот Криста де Силва како Дидо, која исто така првпат гостува на македонската сцена, а моментно пее во престижните оперски куќи на Едмонтон и Монтреал, потоа еден од најбараните барокни ансамбли – „Г.А.П.“ од Германија, како и ансамблот „ИН МЕДИАС РЕС“ на „Полифонија“.

Хенри Персл (1658-1695) е најзначајниот композитор кој Англија некогаш го имала. Неговата опера „Дидо и Енеј“ базирана врз некои делови од познатиот еп на Вергилиј „Енеида“, а според либретото на Нахум Тате, зборува за несреќната љубов помеѓу кралицата Дидона и принцот Енеј. Изворно, дејствието е сместено во кралската палата во моќниот град-држава Картага каде Енеј застанува во своето патешествие за да основа ново кралство враќајќи ја разрушената Троја. Тогаш, под влијание на боговите, се вљубува во убавата Дидона и во цутот на нивната љубов ја остава како би го продолжил своето патување. Дидона е оставена сама, во стравови и сомнежи, во судир помеѓу кралската, рационална улога и страста. Ова е една прекрасна љубовна фантазија, мит помеѓу јавето и сонот, помеѓу фантазијата и вистината, приказна за границата на човековиот ум и неговото доживување на стварноста, за миговите на болка и тага…

Проектот е поддржан од Министерството за култура на РСМ и е во соработка со Институтот Гете во Скопје, како и со Канадскиот музички центар во Скопје.