Љубљана – од напуштени воени бараки, до успешен автономен културен центар

„Оваа незаконски окупирана престолнина на културата е автономна, но не и анархистичка, таа е либерална, но во неа не владее беззаконие“, вака познатиот сајт „The Guardian“ го опишува комплексот од руинирани згради во главниот град на Словенија, попознат како Метелкова.

Од другата страна на реката, од спротивната страна на стариот дел на Љубљана – што претставува комбинација од поплочени улици, средновековни тврдини и шарени цркви, карактеристични за многу градови кои биле под Австро-Унгарците – има десетина руинирани згради кои го сочинуваат она што е познато како втор главен град на Словенија.

На прв поглед, тешко е да се поверува дека ова место е навистина населено. Нема знаци за насочување на посетителите кон влезот на градот, улици полни со ѓубре и морничаво празни преку ден, а графитите кои ги прекриваат ѕидовите како никој да не ги чита. Но, кога паѓа ноќта, ова место станува центар на алтернативна културна сцена во земјата.

Тоа е Метелкова – еден од најголемите и можеби најуспешниот урбан сквот во Европа. Овој самопрогласен град, зафаќа површина од 12.500 метри квадратни на поранешни напуштени воени бараки и стана главен центар на андерграунд музиката и уметноста во регионот. Шарените мозаици од испукани плочки ги красат ѕидовите на галериите и студијата во овој комплекс, додека рѓосаните скулптури, изработени од скршени рамки на велосипеди и извртени буриња, го исполнуваат неговиот двор. Во вечерните часови, илјадници студенти и уметници се собираат на улиците и во баровите.

Секоја година во Метелкова, во бесправно населените згради се случуваат повеќе од 1.500 алтернативни настани, наменети за голем број на под-култури, од театарски претстави и панк-концерти, до работилници за лица со посебни потреби и ЛГБТ вечери.

„Метелкова е центар на урбаната култура”, вели Јанковиќ, актуелен градоначалник на Љубљана.

„Тоа е место на критичко размислување, граѓански ангажман – и со своите активности ја претставува Љубљана како место каде што идеите на сите генерации може слободно да циркулираат”, додава тој.

Суштината на оваа идеја, според германскиот скулптор кој редовно го посетува ова место, со цел да им помогне во галеријата, е дека Метелкова е за секого, за млади и стари, Словенци и имигранти од други делови на Балканот … Метелкова сака шарена заедница, како место за дружење и учење.

Ова е сосема различно од првичната намена на објектот. Касарната, во која е сместен комплексот била напуштена брзо по распаѓањето на поранешна Југославија. Воените бараки биле изградени за време на Австро-унгарската империја во 19 век, а во текот на својата бурна историја биле и окупирани од италијанските и германските војници за време на Втората светска војна – пред тие да станат воени бараки на Сојузна Република Југославија.

„Вистинската промена се случи кога Словенија се здоби со независност во 1991 година”, објаснува Јанез Премк, историчар на уметноста во Љубљана.

„Касарната беше напуштена и стотици уметници и активисти ја потпишаа петицијата испратена до владата за да го користат овој простор на еден креативен начин, наместо тоа да се претвори во комерцијален објект … Тоа не успеа, па по две години, одлучија сами да го заземат просторот и да прогласат автономна зона. На властите тоа не им се допадна, но сега мора да толерираат “, објаснува Премк.

Уметниците се состануваат секоја недела за да разговараат за одржувањето на сквотот, но немаат намера да формираат посебна држава или да го поткопуваат авторитетот на Љубљана. Имајќи го ова на ум, двете најголеми противзаконски дела – илегална окупација на згради и продажба на алкохол без дозвола – локалните власти ги толерираат. Државата дури е подготвена на локално и на државно ниво да финансира голем број на културни проекти во Метелкова. Општината во 2006 година ја прогласи Метелкова за национално културно богатство.

Но, дали тоа ќе остане така заега е неизвесно. Додека трае поправката на ѕидовите кои се срушиле во галеријата, местото каде што порано биле шталите, сликарот Миха Перна објаснува дека визијата за иднината е поделена.

„Постојат очигледни предности при купување земјиште и добивање на правен статус од властите”, вели тој.

„Но, тешко е да се добијат без да се загрози карактерот на Металкова. Луѓето сакаат различни работи, па затоа постојано се дискутира за тоа. ”

Меѓутоа, овие диви станари имаат привилегија што не мораат да плаќаат даноци, ниту изнајмување. Како културно богатство на градот, Метелкова и понатаму останува релативно заштитена од агентите за недвижности.