Културно Револуционерна Шлаканица со „Лице в лице“

Утре (30 септември) во Галерија 8 во Старата скопска чаршија, уличното списание „Лице в лице“ ја организира 12-та промотивна дружба и ја одбележува втората година од своето постоење.

„Лице в лице“ со ангажираната уметност

Промоцијата на ова издание е замислена како разговор за ангажираната уметност и тоа на повеќе теми и тоа за моќта и улогата на уметноста во трансформацијата на општеството, за важноста на активизмот како граѓанска алатка, уметноста како став, за издигнувањето над популистичкиот театар. Присутните ќе дискутираат исто така и за промените што ги продуцира независната сцена, за улогата на уметноста во работата со ранливите групи како и за добронамерните акции кои се уште се на маргините…

Промотори на 12. број на „Лице в лице“, во чијшто фокус е ангажираната уметност, ќе бидат актер(к)и од Народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, кои деновиве ја подготвуваат новата претстава „Мажот е маж“, по текст на Бертолт Брехт, во режија на Мартин Кочовски.

Тие, за публиката на „Лице в лице“, ќе изведат дел од претставата, чијашто премиера се очекува на почетокот на октомври.

Почетокот на настанот е најавен во 20 част, а модератор е водителот Огнен Јанески.