Лицата со ХИВ бараат обезбедување на одржлива и квалитетна терапија

Ограничени и застарени тераписки опции, опасни прекини во континуитетот на терапијата, недоволен број на регистрирани антиретровирусни лекови и несоодветно буџетирање се дел од проблемите со кои се соочуваат луѓето со ХИВ во регионот, а за кои се дискутираше на регионалната средба на тема „Пристап до терапија за ХИВ“ која викендов се одржа во Скопје. На средбата лицата со ХИВ и нивните поддржувачи побараа подобро планирање и соодветно буџетирање за антиретровирусните лекови, но и оптимизирање на трошоците за лекување на ХИВ преку конкретни мерки.

Недела на ХИВ тестирање

Во Повикот за акција упатен до владите, фармацевтската индустрија, како и до самата засегната заедница, лицата со ХИВ и нивните поддржувачи апелираат за поголеми напори во обезбедувањето одржлива и квалитетна терапија.

– Фармацевтските компании ги повикуваме на социјалната и етичката одговорност што ја имаат да обезбедат брз пристап до животоспасувачки терапии по цени кои нашите влади ќе можат да ги плаќаат на долг рок. Тие без одложување треба да ги регистрираат своите лекови во сите земји од нашиот регион и да определат достапни цени. Од друга страна, дел од конкретните решенија со кои нашите влади можат да ги оптимизираат трошоците за лекување на ХИВ, при што истовремено ќе овозможат поголема достапност на современи тераписки опции, се: преговори помеѓу со фармацевтската индустрија, со рамноправно вклучување на претставниците на пациентите; создавање услови за поголема конкуреција на пазарот на антиретровирусни лекови, како и спроведување на регионални групни набавки на лекови со здружување на повеќе земји од регионот“, изјави Андреј Сених, извршен директор на ЗАЕДНО ПОСИЛНИ.

Во името на Мрежата на земји со ниска преваленца на ХИВ во Централна и Југоисточна Европа, извршниот директор на Здружението Кју-Клуб од Белград, Република Србија се осврна на предизвиците што ги носи ниската стапка на ХИВ.

– Во услови кога проблемот со ХИВ-инфекцијата се перципира како релативно мал во нашиот регион, забележуваме недоволно внимание и заложби во врска со ХИВ, недоволно стратешко планирање и недоволни средства што се изделуваат за да се обезбедат квалитетни лекови и алатки за следење на инфекцијата, како и сеопфатна здравствена грижа. Но пациентите се повеќе од потрошувачи, лековите се повеќе од производи, а пристапот до најдобрата можна терапија и грижа се основни човекови права и му служат на јавното здравје. Како заедница, ќе продолжиме да ги едуцираме пациентите за важноста на доследното придржување до терапијата, и да обезбедуваме поддршка, со цел да осигураме најдобар можен резултат од лекувањето. Тоа е наш влог во справувањето со ХИВ во регионот, вели Петковиќ.

Својата поддршка на луѓето со ХИВ во регионот им ја дадоа неколкумина искусни активисти од САД и Велика Британија.

– Живеам со ХИВ од 1981 година. Благодарение на тоа што се тестирав доволно рано, имав пристап до соодветна здравствена грижа уште од самиот почеток. Успеав да преживеам доволно долго, сѐ до моментот кога ефективната терапија стана достапна во 1996 година. Со добра терапија и грижа можам да останам здрав. Никогаш досега не сум бил хоспитализиран поради компликации поврзани со ХИВ. Во 20. век тоа беше реткост, но тоа е реалност кога луѓето навреме го откриваат својот ХИВ-позитивен статус и кога добиваат терапија и здравствена грижа. Јас единствено сакам и другите да ги имаат истите можности коишто ми беа достапни мене, но исто така знам дека раното тестирање и навремената терапија во крајна линија значат значителна заштеда на средства за владите, изјави Бенџамин Колинс, меѓународен активист на полето на ХИВ и поддржувач на ЗАЕДНО ПОСИЛНИ.

Домаќин и организатор на средбата беше Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје, а на неа учествуваа 25 претставници од вкупно 18 земји од регионот на Централна и Југоситочна Европа.