„Лица на улица“ – промоција на седмиот број на активистичкото списание „Лице в лице“

„Лица на улица“ - промоција на седмиот број на активистичкото списание „Лице в лице“

Промоцијата на новиот, седми број на активистичкото списание „Лице в лице“ ќе се одржи на Светскиот ден на бездомништвото, 10 октомври, на автентичниот простор на кој се собираат бездомници (помеѓу Музејот на град Скопје и ТЦ „Рамстор“), со почеток во 19 часот. Темата на бројот ја донесува и темната ситуација со бездомниците кај нас. Според статистиката што ја има Црвениот крст, Центарот за социјални грижи лани  регистрирал 318 случаи на луѓе што останале без покрив над главата.

Наши уметници беа дел од акцијата „Еден ден во друштво на бездомник“. Иван Шопов, Атанас Ботев, Николина Андова, Томислав Георгиев и Елена Димитриевска се уметниците што се вклучија во акцијата и направија фотографии, цртежи, напишаа песни и прозни текстови инспирирани од дружењето со дел од бездомниците. Така, Хари, Бранка, Драги, Неџат, Благојче, Предраг станаа главните ликови во нивните дела. Сега тие ги знаат нивните приказни и се обидуваат да дејствуваат за овие приказни да ги дознаат што повеќе луѓе.

Промотори на овој број, кои ќе бидат поддршка на продавачите ќе бидат Ана Јовковска, авторка на емисијата „Пулс“, поетесата Николина Андова и ликовниот уметник Атанас Ботев, додека модератор на промоцијата ќе биде Дона Костуранова.

На самата промоција, Црвениот крст на град Скопје и „Факултети.мк“ ќе ги повикаат граѓаните да се вклучат во новата кампања на „Солидарен оброк“, во чии рамки ќе бидат поделени флаери со информации за сите кафулиња и ресторани што се дел од солидарната акција.

Во новиот број на списанието ќе читате и за „феникс-приказната“ на еден бездомник, кој успеал да се соочи со ситуацијата во која се нашол. Објавуваме интервју со српската актерска ѕвезда Мирјана Карановиќ, истакната активистка на повеќе полиња и активна поддржувачка на регионалната платформа за активизам во чиишто рамки излегува и „Лице в лице“. Ќе ја најдете и приказната на Игор Шајновски, струшкиот продавач на магазинот, како и кусо претставување на неколку продавачи од разни градови. Со размената на текстови со други улични списанија и весници од светот, благодарение на Меѓународната мрежа на улични весници ИНСП, овој пат во „лице в лице“ ќе се најде ексклузивното интервју со режисерот Спајк Ли, кој за својот нов филм собираше донации од граѓаните преку сервисот „Кикстартер“, како и уметничкиот проект на фотограф од Салцбург, кој има намера да го преиспита чинот на тргање на погледот од питачите во градот.

Професорката Илина Јакимовска пишува за примерите на дискриминација низ светот, а во новиот број ќе прочитате и за примерот од словенечкиот уличен весник, „Кралеви на улицата“. Покрај ова, организацијата „На точак“ пишува за непријатностите поради новите одредби во Законот за сообраќај, кои се однесуваат на велосипедистите, здружението „Новинари за човекови права“ предупредува за опасностите од токсичните играчки со кои си играат нашите деца, а Младинскиот образовен форум пишува за (не)оствареното партнерство меѓу младите и државата во однос на политиката што се однесува токму на младите. Во овој број е и анализата на „Конект“ за досегашното спроведување на Законот за волонтерство, како и текст за група ентузијасти, кои со цел да ја доближат шпанската култура кај нас, волонтерски преведоа шпански современ роман на македонски јазик.

„Лице в лице“ го промовира моделот на социјално претприемаштво кај нас ангажирајќи луѓе од најранливите категории на општеството како продавачи на магазинот. Продавајќи го, тие задржуваат половина од продажната цена (100 денари), додека другата половина е наменета за градење на системот што се обидува да ја подобри нивната положба (едукативна и инклузивна програма, како и дел за печатење на магазинот).

Печатењето на овој број е поддржано од проектот на УСАИД за граѓанско општество.