„Лица без маски“ – Изгубени без преводот на Исмини и Калипсо

Синоќа, на малата сцена во Универзалната сала, се одржа театарската претстава „Исмини и Калипсо“ во рамки на програмата на фестивалот „Лица без маски“.

фестивалот „Лица без маски“

Во режија на Ефи Меравоглу, претставата Исмини и Калипсо ги носи гледачите во светот на две деца кои се тероризирани од страна на својата мајка, алкохоличарка. Откако преживуваат 13 денови заклучени во подрум, без храна и вода, во апсолутна темнина, ги спасува нивната баба. Сепак, ова искуство се врежува во нивните битија и остава лузни кои не можат да се залечат.

Благодарение на кратката содржина, публиката толку успеа да дознае за приказната која се одигруваше пред неа. Претставата е вербално богата, голем дел од дејството се пренесува преку говорот, но поради тоа што не беше обезбеден превод од изворниот грчки јазик,  или барем подетално објаснување за тоа што се случува на сцената, во публиката од време на време се слушаше шепот: „Ништо не разбирам”.

Бидејќи не можеме да веруваме дека тука станува збор за превид од страна на организаторот, треба да се запрашаме – со која цел е изоставен преводот на оваа претстава? Веројатно единствените кои навистина разбраа што се случи беа дипломатските претставници од грчкиот конзулат.

Сепак, дури и без да ги разбереме зборовите, тешко беше да не бидеме занесени од интензитетот на емоциите кои ги проектираа Катерина Мпоузани и Дени Аргирополу. Од љубов и нежност, до гнев, суровост и лудило, во 50 минути публиката искуси цел еден калеидоскоп на чувства, а кратките екскурзии во кои актерките се симнуваа од сцена за да се приближат до публиката служеа за дополнително да го потенцираат ефектот. Малата сцена беше вкусно и практично уредена, без да го обременува премногу просторот, а сценското светло се појавуваше како сурогат наратор на дејството.

Сепак, како да се сумира претстава без клучниот елемент – дијалог? Исто како од некого да бараме некој да даде оценка за вино само врз основа на празното шише. Дизајнот е тука, формата исто така, аромата присутна во суптилни ноти на тапата, етикетата ни ги кажува фактите, но виното, клучното, го нема. Во искуството нешто недостасува.

Атанас Димитров