Литературниот агент Силвија Брунели ќе гостува на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“

Сопственичката на италијанската агенција „Набу“ Силвија Брунели, која е меѓу најпознатите литературни агенти од Европа, ќе гостува на второто издание на програмата „Skopje fellowship” во рамки на третиот фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, кој во организација на издавачката куќа „Икона“ ќе се одржува од 18 до 20 мај. Издавачите од Скопје ќе имаат можност на Брунели да и ги претстават писателите од Македонија.

Во 1987 година, по долга кариера како универзитетски професор, Брунели ја основала интернационалната литературна агенција „Набу“ која ги претставува авторските права на многу интернационални автори на светскиот пазар, како и интернационални издавачи и агенти на италијанскиот пазар.

Низ годините, агенцијата „Набу“ преговарала за правата и склучила договори со три лауреати на Нобеловата награда за литература Дарио Фо, Нагиб Махфуз и Ригоберта Менчу. Нејзината агенција застапувала и интернационално промовирала големи автори како Леонард Коен, Ноам Чомски, Вандана Шива, ВГ Себалт.

„Силвија Брунели ја поминала младоста во Германија, Полска и Америка, а во слободното време патувала низ светот од Аљаска до Тиера дел Фуего и од Нов Зеланд до Гренланд. Иако се приближува до годините за пензија таа дефинитивно сака да продолжи да работи, велејќи “да се биде литературен агент е живот, а не работа“, соопшти „Икона“.

Оттаму најавуваат дека наскоро ќе го соопштат и името на лауреатот, добитникот на наградата за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот „Прозарт“.

Програмата „Skopje Fellowship“ е востановена во 2014 година и е посветена на странските издавачи, директори и програмски менаџери на фестивали, литературни агенти и скаути.