На 4 септември со почеток во 20 часот во продажниот ликовен салон на Културно информативниот центар (КИЦ) во Скопје ќе се отвори изложбата на цртежи „Ликовни одрази: Линија, форма и простор“ од академскиот уметник Филип Перески.
„Перески ликовно ги истражува бескрајните можности и начини со коишто инвентивно ги реконтекстуализира – линијата врз дводимензионалната површина и формата во тродимензионалниот простор. Неговиот цртеж и сликарство се одликува со спонтани искривени линии коишто асоцираат на органски и динамични облици. Во апстрактно-асоцијативните композиции доминира активниот однос и слободната креативна игра меѓу ликовните елементи во просторот: контраст и градација на линијата и бојата“, вели историчарката на уметност Викторија Димеска за уметникот.
Како што додава таа, со хоризонталното протегнување и вертикалното извишување, брзите градации и збиената густина на линиите, уметникот изразува енергична динамичност и хаотичност во слободните отворени композиции. Имено, преку репетиција на експресивните контрастни и збиени линии, тој дополнително креира длабочина во асиметричните композиции.
„Во скулптурата, Перески ја искривува и раскршува линијата создавајќи минималистички геометриски форми со ‘полна’ маса и мрежно испреплетени ‘празни’ колоритни интервенции. Ослободувајќи ја композицијата од геометриска строгост, автентичниот ликовен јазик на академскиот уметник Филип Перески спонтано еволуира и се развива во апстрактно-асоцијативен израз“, заклучува Димеска.
Филип Перески е роден на 10.09.1990 во Прилеп. Дипломира 2013 год. на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на катедра за ликовна педагогија, насока вајарство во класата на професор Станко Павлески. Член е на друштвото на ликовни уметници Прилеп (ДЛУП). Моментално живее и работи како наставник по ликовно образование во Прилеп. Досега има две самостојни изложби, десетици групни, а учествувал и на повеќе ликовни колонии.
Изложбата ќе биде отворена до 16 септември.