Линија за помош на семејства со ретки болести

Преку Линија за помош за семејства со ретки болести, здружението „Живот со предизвици“ обезбеди психолошка и психотерапевтска поддршка за семејствата со ретки болести.

Линијата е отворена комуникација на телефон, е-маил, Фејсбук, Вајбер, состаноци лице во лице, средби на семејства. Од јануари, е потпишан договор со Неокортекс – Центар за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација со цел да понудиме: индивидуални психотераписки сесии, партнерска терапија и советување, семејна терапија и советување, психолошко советување за родители, психолошко тестирање со изработка на наод и мислење, и други услуги кои им се потребни на семејствата кои се соочуваат со некоја ретка болест.

„Поддржувајќи ги пациентите во изминатите десет години, свесни сме дека е потребна психолошка поддршка не само за пациентите, туку за целокупните семејства, бидејќи ретката болест не  е товар само на тој што ја има туку на целото семејство. Затоа решивме дел од средствата добиени од Фондација Трајче Мукаетов во 2018 година да ги насочиме токму кон обезбедување на бесплатни психолошки и психотераписки услуги за семејствата со ретки болести. Во 2019 година граѓаните кои се соочуваат со ретка болест може да се обратат директно до Неокортекс до Ивана Хаџиванова (Психолог, психотерапевт, тренер, 075 273-768), да си закажат термин и да ја добијат поддршката која им е потребна. Се надеваме дека достапноста на услугата и гарантираната анонимност ќе придонесе кон поголема помош и поддршка за семејствата со ретки болести и подобрување на нивниот квалитет на живот“, вели Весна Алексовска, претседател на „Живот со предизвици“.

Од здружението најавуваат дека ова се само дел од новостите во Линијата за помош за оваа година. Пред Денот на ретки болести на 28 февруари, ќе следуваат уште новости за услуги кои пациентите и семејствата ќе може да ги добиваат преку Линијата за помош, но следуваат и нови соработка со доктори и организации на регионално ниво.