Лингвистот Фридман: Разговорите во „бомбите“ се спонтани, со турцизми и уличен говор

„Во текстот на ‘бомбите’ излегува дека ‘будала’ е во јака конкуренција со ‘идиот’, кој се среќава со истиот број појавувања. Друга модерна заемка ‘морон’ се појавува четири пати, но сепак ‘глуп’ победува со педесет примери, вели лингвистот, академик д-р Виктор Фридман, кој правеше научно-лингвистичко истражување на прислушуваните материјали кои ги објави опозицијата.

Фридман држеше предавање „Јазикот на бомбите како автентичен македонски разговорен јазик“. Професорот потенцира дека во истражувањето биле разгледувани 130.000 зборови, дел од прислушуваните разговори. За него „бомбите“ се јазичен корпус кој може да даде огромен број заклучоци за говорот на современата македонска елита, што е важно за лингвистите. Начинот на кој се воделе разговорите е посебно интересен бидејќи, вели Фридман, тие се спонтани, а ова особено се однесува на пцостите.

„Истражувањето е извршено само од лингвистичка гледна точка, без разлика дали материјалите што ги разгледував се вистинити или не. Ова е ретка можност да се собере соодветен материјал што ќе даде релевантни податоци за неформалниот говор во Македонија“, потенцираше професорот на Универзитетот во Чикаго.

Според Фридман, македонските говорители ги употребуваат турцизмите за неформалната комуникација, односно тие се дел од уличниот говор. Нагласи дека турцизмите во „бомбите“ се користени многу повеќе од србизмите, иако се присутни и едните и другите. Напомена дека имало и други дијалекти, а не само скопскиот, кој доминираше во снимките.

Фото – принтскрин од видео од Телма