Изложбата „Лица“ на уметникот Ангел Коруновски ќе биде отворена на 5 март (четврток) во 19 часот во Ликовен салон Велес. Поставката опфаќа серија дела што се занимаваат со темата на невидливите и маргинализирани поединци во современото општество.
Инспирацијата за циклусот произлегува од луѓето кои остануваат на работ на јавниот простор – анонимни, занемарени и потиснати од динамиката на глобализираниот и вредносно нарушен свет. Авторот преку комбинирање на колаж, гестуална експресија и апстрактен израз создава визуелни композиции што го истражуваат човечкото присуство скриено зад секојдневната информативна и медиумска бучава.
Делата се изработени со употреба на искинати весници, при што фрагментите од медиумски содржини добиваат ново значење и се трансформираат во лични и интимни наративи. Слоевитоста на материјалите и експресивните траги на површината упатуваат на емоции, отпор и стремеж кон зачувување на индивидуалноста во системи што често ја потиснуваат.
Ликовите прикажани на платната се делумно распарчени и замаглени, што симболично ја отсликува нивната борба за видливост во средина во која вредноста се мери преку моќ, економија и конформизам. Изложбата отвора прашања за идентитетот и човековото достоинство во време кога личноста сè почесто се сведува на бројка или информација.



