Ликовна изложба на Вангел Срнаков во Јавна соба

Изложбата „Три творечки циклуси “на Вангел Срнаков ќе биде свечено отворена вечерва (11 јуни) во Јавна соба, со почеток од 20:30 часот. Влезот за сите љубители на квалитетната уметноста и доброто дружење е слободен.

Станува збор за уште еден “неоткриен” талент кој по професија е правник, но со сликарство активно се занимава уште од 1993 година под менторство на Никола Бутров. Творештвото на Срнаков доаѓа до израз во 2006, откако редовно е застапен во групни изложби во земјата. „Три творечки циклуси” е негова прва самостојна изложба на која посетителите ќе имаат можност да запознаат еден автор со три идентитета.

Трите циклуси се разликуваат по техника, медиум, пристап и инспирација. „Портретите” кои се најспецифичниот циклус на дела масла на платно, се олицетворение на една збирка креирана во подолг временски период од животот на Срнаков. „Белите слики”, какошто тој го нарекува вториот циклус, масло на панел и платно, ги отсликува предметите од мртвата природа преку нагласување на белата позадина. Пристапот е минималистички а техниката на сликање е целосно различна од портретите. Третиот циклус е „Геометриска апстракција”, когнитивни геометриски форми изразени на дводимензионална плоштна површина преку нагласување преку силни бои.

Изложбата на Вангел Срнаков е уште ден доказ дека во Македонија постојат голем број на активни ликовни уметници чие творештво не е нималку наивно иако не станува збор за академски сликари, и од тие причини оваа изложба заслужува целосно внимание од јавноста, велат од Центарот Јавна соба.