Ликовна изложба и проекција на документарен филм од младите во Струга

Ликовните творби на деца и млади на тема „Сите бои на мојата земја“ ќе бидат изложени на 21 ноември во Струга, во Основното училиште „Браќа Миладиновци“, соопштија од организацијата Цивил – Центар за слобода.

Отворањето на изложбата е закажано во 12 часот, а автори на делата се ученици од повеќе градови кои во текот на летото во Охрид беа дел од креативната школа за ликовно творештво, а како дел од проектот „Сите бои на мојата земја“, посветен на едукацијата за човековите права и слободи и толеранцијата преку заедничко креативно творење.

Ликовна изложба и проекција на документарен филм од младите во Струга

Во Струга ќе биде проектиран и документарен филм за Струга, изработен од школата за видео-творештво, а од Цивил најавуваат дека во  следните недели вакви изложби ќе се одржат и во Куманово, Кичево и Скопје.

Школите за креативно творештво претставуваат дел од активностите на Цивил во рамки на проектот „Сите бои на мојата земја“, кој започна во мај и ќе трае до крајот на годинава. Проектот е финансиран од швајцарската Агенција за соработка и развој (SDC) преку Програмата CIVICA Mobilitas, а е имплементиран од Центарот за институционален развој (ЦИРа).