Ликовен натпревар за ученици на теми инспирирани од убавините на Струга

Граѓанската иницијатива „Награда за чиста Струга“ во соработка со ателје „Нестор“ почна месечен ликовен натпревар за ученици од 6 до 15 години на теми инспирирани од убавините на Струга.

Целта, како што посочуваат организаторите, е да се охрабрат и инспирираат најмладите да го ценат и одржуваат нивниот град. На сите учесници ќе им биде доделен сертификат, а две дела ќе добијат награда и репродукција во форма на разгледница.

Делата ќе бидат избрани во две категории, на возраст од 6 до 10 години и од 11 до 15 години.

Можат да бидат изработени во било која големина и техника (цртеж, со молив или со боја) и со податоци од авторот да бидат доставени секој месец пред 20-ти, во ателје „Нестор“, кое се наоѓа на вториот кат од Градскиот пазар во Струга.

Сите пристигнати дела предвидено е да бидат претставени на изложба во декември годинава.

Секој учесник може да поднесе само едно дело месечно, но може да учествува повторно во наредните месеци. Сите учесници ќе можат да си ги подигнат цртежите по завршување на изложбата, информираат од Иницијативата.