Ликовен хепенинг за Меѓународниот ден на Земјата

На ликовниот хепенинг насловен „Биди и ти заштитник на планетата“, 60 ученици со пишување пораки на хартија кои им ги делеа на минувачите во дворот на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“-Скопје, ја промовираа идејата дека треба да се чува планетата Земја.

Ликовен хепенинг за Меѓународниот ден на Земјата

Ликовниот хепенинг е организиран од Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ во соработка со Центарот за едукација и креативност „Никулец Креатива“, а во рамки на одбележувањето на 22 Април, Меѓународен ден на Мајката Земја, пренесе МИА.

Јасмина Георгиевска Алаѓозовска, раководител на „Никулец Едукација“, пред почетокот на хепенингот рече дека учествуваат деца од ОУ „Коле Неделковски“ и од Клубот за слободно образование „Никулец Едукација“.

– Децата ќе остават пораки на кои ќе пишува дека ја сакаат планетата Земја и ќе ги подарат на минувачите, истакна Георгиевска Алаѓозовска.

Раководителот на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, Билјана Кочишка рече дека се вклучуваат во прославата на Светскиот ден на Земјата, кој се одбележува во целиот свет и е под покривителство на ОН. Таа посочи дека дечињата се оние кои можат најлесно да осмислат идеја и да бидат креативни.

Обединетите нации оваа година го одбележуваат 22 Април во обид да мобилизираат милиони луѓе да создадат одржлива, здрава природна средина со озеленување на градовите во светот.

„Повеќе од половина од светското население живее во градовите. Бидејќи бројот на жителите во урбаните средини се зголемува, а последиците од климатските промени се влошуваат, нашите градови мора да еволуираат”, се вели во пораката на ОН. Препорака е да се инвестира во ефикасни и обновливи извори на енергија и да се намали загадувањето.