Познатата македонска поетеса Лидија Димковска е добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“ што се доделува од страна на Струшките вечери на поезијата за најдобра поетска збирка помеѓу две фестивалски изданија. Димковска е добитничка на наградата за нејзината поетска збирка „Гранична состојба“ во издание на ИЛИ- ИЛИ.
Во трка за наградата биле 33 книги, а конечниот избор го направи жирито во состав: Сашо Огненовски, Искра Гешоска, Атанас Вангелов, Весна Мојсова Чепишевска и Лулзим Хазири. Oдлуката на комисијата за наградената збирка „Гранична состојба“ на Димковска била едногласна и недвосмислена.
„„Гранична состојба“ е поетска книга која предупредува насочувајќи ги нашите погледи кон средиштето на отворените рани на светот. Овие стихови, остри како сечила ни ги отвораат актуелните политички и социјални крварења, ни ги предочуваат сите недоумици и несреќни одлуки, не опсипуваат со глетки од историските страдања кои, за жал не донеле никаков наук и на ововременските воени и политички лудила. Лидија Димковска со мудроста на своите стихови предупредува на вриежот на валканата крв, на една неминовност чија бучава не заглушува и навестува татнеж после чија смртна тишина ќе се отвори амбисот на ништоста. Стиховите во „Гранична состојба“ се меко отворање на кортексот на еден ум што мора да се преобрази ако сакаме нашата духовна егзистенција да изроди нова стратегија за опстанок и нова патека кон совршенството“, гласи одлуката на жирито.
Во потесен круг, покрај Димковска влегоа и збирките: „Потпис: трепетлика“ на Ана Стојановска, „Големата прегратка“ на Павлина Атанасова, „Девет преобразби во чудната шума“ на Пандалф Вулкански и „Сватови на песната“ од Даут Даути.
Лидија Димковска (1971, Скопје, Македонија) е поетеса, романописец и преведувачка од романски и словенечки на македонски јазик. Докторирала Романска литература на Универзитетот во Букурешт, Романија, каде предавала македонски јазик и литература. Живее во Љубљана, Словенија и преведува романска и словенечка литература на македонски јазик.
Објавила шест поетски збирки на својот мајчин, македонски јазик: „Рожби од Исток“, „Огнот на буквите“, „Изгризани нокти“, „Нобел против Нобел“, „pH неутрална за животот и смртта“ и „Црно на бело“, три романи „Скриена камера“, „Резервен живот“ и „Но-Уи“, еден американски дневник „Отаде Л.“ и една збирка куси раскази „Кога заминав од Карл Либкнехт“. Нејзините книги се преведени на петнаесет јазици (англиски, германски, полски, унгарски, словачки, чешки, романски, српски, словенечки, француски, хрватски, италијански, албански, бугарски и латвиски јазик).
Ја добила македонската награда за дебитантско поетско дело „Студентски збор“, двапати наградата за проза „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија, наградата за најдобар превод „Божидар Настев“, германската награда за поезија „Хуберт Бурда“, романските поетски награди „Поесис“ и „Тудор Аргези“, европската награда за поезија „Петру Крду“, наградата на Европската Унија за книжевност за романот „Резервен живот“, Специјалното признание „Европско културно наследство“ за најдобар расказ, словенечката награда „Чаша на бесмртноста“ за десетгодишен поетски опус, албанско-македонската награда „Наим Фрашери“ за животно поетско дело и др., а била номинирана и за американската „Најдобра книга во превод на англиски јазик“, за полската награда „Европски поет на слободата“,, меѓународната „Балканика“ и др.
Составувач е на антологијата на најмладата македонска поезија „20.млади.мак.поети.00“, на антологијата на современата словенечка поезија на македонски јазик и на антологиите на малцинската и имигрантската книжевност во Словенија „Од јазик на јазик“ и „Ќе биде подобро“. Учествувала на бројни меѓународни книжевни средби и читања и престојувала на книжевни резиденции во Лондон, Берлин, Виена, Грац, Салцбург, Кремс, Тирана и Сплит. Од 2016 до 2019 година, таа била претседател на жирито на меѓународната книжевна награда „Виленица“ од Словенија. „Гранична состојба“ (Или-Или, Скопје, 2021) е нејзина седма поетска збирка.
Од оваа година, прогласувањето на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ е пред почетокот на фестивалот, со цел да се овозможи претставување на добитникот на наградата на тековното издание на фестивалот, а не само негово прогласување пред крај на фестивалското издание.
На овој начин е возможно да се обезбеди превод на англиски на најрепрезентативните песни од наградената збирка и соодветно претставување на тековниот добитник, особено пред гостите од странство, посочуваат организаторите. Преостанатите четворица кандидати во потесен избор исто така, според вообичаената пракса, ќе бидат дел од програмата на фестивалот.
Струшките вечери на поезијата оваа година ќе се одржат од 26 до 30 август со целосно почитување на најновите мерки за заштита од ковид пандемијата.