Лидерите од ЕУ и Африка со нов план за мигрантската криза

Лидерите на Франција, Германија, Италија и Шпанија постигнаа договор да им помогнат на Чад и Нигер во контролата на нивните граници, за поголема контрола на напливот на мигранти и бегалци од Северна Африка во Европа.

Планот го презентираше францускиот претседател Емануел Макрон, како домаќин на состанокот на лидерите од ЕУ и дел од африканските земји. Во планот е вклучено и справување со криумчарите, подобрување на стабилноста во Либија и зголемена помош на транзитните земји, пренесува ББЦ.

Макрон побарал и барањата за азил да се поднесуваат во Либија, Чад и Нигер.

Претседателот на Нигер, Мамаду Исуфу, изјавил дека на луѓето кои се бават со криумчарење треба да им се понудат алтернативни начини за заработка, додавајќи дека тие ја дестабилизирале неговата земја со носење оружје од Либија по транспортот на мигрантите низ пустината.

Лидерите на ЕУ и африканските земји на вчерашниот состанок ФОТО: АФП

Италијанскиот премиер Паоло Џентолини побарал мигрантскиот наплив да се намали до поподносливо ниво и да се намали културниот притисок од масовната миграција на земјите-домаќини. Италија веќе подолго време бара од ЕУ-партнерите да го намали товарот од вдомување мигранти, бидејќи нивните прифатни центри се преполни.

Германската канцеларка Ангела Меркел изјавила дека борбата против кријумчарите на луше мора да се одвива паралелно со развојот.

„Без просперитет за луѓето во Африка, ние нема да се справиме со проблемот на нелегалната миграција“, рекла таа.

Во 2015 година ЕУ вети 1,8 милијарди евра за иницијативите да се помогне на африканските земји и да се намали напливот на мигранти во Европа. Плановите вклучуваат зајакнување на граничниот надзор по мигрантските рути и проекти за создавање работни места во сиромашните заедници.

Скоро 100 илјади мигранти се одлучиле на опасниот морски пат од Либија до Италија оваа година и Организацијата за миграција на Обединетите Нации (ИОМ) вели дека повеќе од 2 илјади лица загинале во таа намера.

Ова лето поголем број мигранти доаѓаат на Шпанскиот брег поради пократкиот пат по морето од Мароко.

Мигрантите претежно доаѓаат од Западна Африка. Најголемиот дел од нив со потекло од Нигерија, Гвинеја и Брегот на Слоновата Коска. Во мнозинството случаи тие се сметаат за економски мигранти, а не како бегалци кои ја напуштиле земјата поради војна или прогон.