Лидери на 23 земји и СЗО го поддржаа договорот за соработка во решавањето на идните пандемии

Лидерите на 23 земји и Светската здравствена организација (СЗО) ја поддржаа идејата за создавање меѓународен договор што ќе му помогне на светот да се справи со идните здравствени проблеми, како што е пандемијата на коронавирусот што е проширена низ целиот свет, објави Ројтерс.

Идејата за ваков договор, со кој би се обезбедило универзално и еднакво снабдување со вакцини, лекови и дијагностика за пандемии, за првпат ја покрена претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на состанокот на Г20 во ноември минатата година.

„Ќе има и други пандемии и други големи здравствени кризи. Ниту една влада или мултилатерална агенција не може сама да се справи со тоа“, напишаа водачите на споменатите земји во заедничката изјава објавена во значајните дневни весници.

„Ние веруваме дека нациите треба да работат заедно на нов меѓународен договор за подготвеност за пандемија и соодветни одговори“, се вели во заедничкото соопштение.

Главната цел на договорот би била зајакнување на глобалната отпорност кон идните пандемии преку подобар систем на предупредување, споделување податоци, истражување, производство и дистрибуција на вакцини, лекови и опрема за лична заштита.

Во документот се наведува дека здравјето на луѓето, животните и планетата се меѓусебно поврзани и дека тоа треба да доведе до поделба на одговорностите, транспарентност и глобална соработка.

„Убедени сме дека нашата задача, како водачи на нациите и меѓународните институции, е да осигуриме дека светот ќе извлече поука од пандемијата на ковид-19.“

Инаку, денеска идејата беше официјално поддржана од лидерите на Фиџи, Португалија, Романија, Велика Британија, Руанда, Кенија, Франција, Германија, Грција, Кореја, Чиле, Костарика, Албанија, Јужна Африка, Тринидад и Тобаго, Холандија, Тунис, Сенегал и Шпанија, Норвешка, Србија, Индонезија, Украина и СЗО.