Лични податоци на 400.000 српски граѓани на јавен сервер за партиски потреби

Матичниот број, бројот на личната карта, адресата и телефонскиот број на повеќе од 400 илјади граѓани од Србија, прецизно запишани во табели, се откриени на јавен сервер, јавува регионалната телевизија Н1.

Во прилогот насловен „Што партиите знаат за вас“, покрај податоците, на одредени места запишани се и напомени кои упатуваат дека базата се користела за партиски потреби:

„До сега гласал за Демократската партија. Нема повеќе. Инвалид. Деца 20 и 22 години. Невработена, жената работи во кафеана за 11 илјади динари“.

„Голем противник на оваа власт. Да не се контактира“.

„Жена од Рамиз. Вели пред гласањето да се даде малку масло, брашно и слично па сите Албанци од Адица ќе гласаат за нас. Многу знае“.

Ова се само некои од напомените кои биле впишани покрај останатите лични податоци на јавен сервер кој не бил користен од многу луѓе, но, на кој теоретски можел да пристапи секој, јавува телевизијата.

Базата била откриена од информатичар кој анонимно објаснува дека почнал да истражува откако добил информации дека серверот е неочекувано оптоварен.

Според информациите до кои дошол, базата почнала да ја работи некоја политичка партија многу одамна, но, таа прешла до друга партија, веројатно во периодот на менување на власта. Според неговата анализа, тогаш таа била дополнета и со матичните броеви и одредени напомени.