Интимни, чувствителни лични информации на скоро 200 милиони американски државјани по грешка протекоа од сервер на маркетинг компанија која работи со Републиканската партија во САД.
Во податоците, со големина од 1,1 терабајти, има датуми на раѓање, домашни адреси, телефонски броеви и политички погледи на 62% од целото население на САД.
Податоците биле јавно достапни преку клауд сервер на Амазон и секој можел да им пристапи доколку поседувал линк до нив.
Откриени политичките ставови
Огромната количина податоци била откриена минатата недела од Крис Викери, аналитичар на сајбер-ризик, од безбедносната компанија АпГард. Информациите, по се изгледа, биле собирани од широк круг извори –од постови на контроверзните забранети дискусии на социјалната мрежа Реддит, до комисии кои собирале средства за Републиканската партија.
Информациите се чувале во табели прикачени на сервер во сопственост на Дип Рут Аналитикс. Последно биле менувани во јануари, кога претседателот Доналд Трамп беше инаугуриран, додека не е познато колку време податоците се наоѓаат онлајн.
„Преземаме целосна одговорност за ситуацијата. Од информациите кои ги собравме досега, не веруваме дека нашите системи биле хакирани. Откако добивме сознанија за ситуацијата, ги променивме поставките за пристап и поставивме протоколи за да се спречи понатамошен пристап“, рекол за Гизмодо основачот на Дип Рут Аналитикс, Алекс Лундри.
Освен личните детали, податоците содржат и претпоставки за религиозната припадност на граѓаните, нивниот етницитет и политичка наклонетост – со информации за тоа каков е нивниот став кон контролата на оружјето, правото на абортус или истражувањата со матични клетки.
Името на документите посочува дека податоците требало да бидат користени од влијателни републикански политички организации. Идејата била некаков обид да се креира профил на што е можно повеќе гласачи користејќи ги достапните податоци, па некои од полињата во табелата биле оставани празни кога не можело да се најде одговор.
„Загрижувачки е што можело да се креира и да се одржува онлајн толку голема национална база на податоци без најосновна заштита за пристап. Можноста да се собираат такви информации и да се складираат без доволна сигурност ја доведува во прашање одговорноста на приватните корпорации и политичките кампањи кон граѓаните кои биле таргет“, пишува Дан О`Саливан во блог објава на вебсајтот Ап Гард.
Загриженост за приватноста
Иако е познато дека политичките партии рутински собираат податоци за гласачите, ова е најголемо протекување на изборни податоци во историјата на САД и експертите за приватност се загрижени за големината на собраните податоци.
„Ова е многу лошо. Не само што се чувствителни, туку и интимни информации, предвидувања за однесувањето на луѓето, мислења и убедувања кои луѓето никогаш не одлучиле да ги откријат никому“, вели за ББЦ Фредерике Калтеунер од Прајваси Интернешенл.
Сепак проблемот со собирање податоци и користење компјутерски модели за предвидување на однесувањето на гласачите не е ограничено само на маркетинг компаниите – Прајваси Интернешенл смета дека целиот онлајн екосистем на огласување функционира на идентичен начин.
„Тоа е закана за начинот на кој функционира демократијата. Републиканската партија работела со јавно собрани, комерцијално обезбедени информации. Никој не би открил дека податоците кои ги споделиле со една организација ќе завршат во база на податоци која нив ќе ги таргетира политички. Треба да имате контрола на тоа што се случува со вашите податоци, кој може да ги користи и за какви цели“, додава Калтеунер.
Постојат стравувања дека протечените податоци можат лесно да се искористат за злонамерни цели, од крадење на идентитетот до вознемирување луѓе, или заплашување на оние кои имаат спортивни политички погледи.